Владата донесе одлука да интервенира на пазарот на недвижности во Битола со изградба на државни станови. Како што најави министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, 65 станови ќе се продаваат по 1.000 евра за квадрат, 11 дуќани по 2.000 евра за квадратен метар и 71 паркинг место по 500 евра за квадрат. Тој неодамна најави дека значително намалување на цените на становите, од 30 до 40 проценти, се очекува со проектот вреден 3,5 милиони евра што ќе овозможи пристапни домови за младите и пониски цени на станбениот пазар. Освен во Битола, згради за комерцијална продажба ќе се градат и во Штип и Скопје со што се очекува да се обезбеди стабилност на пазарот на недвижности
Владата, денеска, донесе одлука за државна интервенција на пазарот на недвижности. Со одлуката се предвидува Акционерското друштво за изградба и управување со станбен простор, кое планира годинава да започне со изградба на згради за комерцијална продажба во Битола, истите да ги продава за 1.000 евра за квадратен метар.
Како што најави министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, 65 станови ќе се продаваат по 1000 евра за квадрат, 11 дуќани по 2000 евра за квадратен метар и 71 паркинг-место по 500 евра за квадрат.
– Со ова вршиме интервенција во пазарот за недвижности во Битола и запирање на лудилото на зголемувањето на цени на станови – истакна Николоски и рече дека очекува исти или слични активности и во други општини во наредниот период.
Тој неодамна најави дека значително намалување на цените на становите од 30 до 40 проценти се очекува со проектот вреден 3,5 милиони евра што ќе овозможи пристапни домови за младите и пониски цени на станбениот пазар.
– Акционерското друштво за изградба и управување со станбен простор планира годинава да започне со изградба на згради за комерцијална продажба во Штип, Скопје и во Битола, со што се очекува да се обезбеди стабилност на пазарот на недвижности. Годинава треба да стартува и иницијативата „Купи куќа за млади“, насочена кон поддршка на младите лица што сакаат да инвестираат во сопствен дом. Проектот ќе обезбеди пристапни услови за младите, со што државата ќе придонесе за подобра достапност на станбениот простор за младата популација – рече Николоски.
Становите во Скопје убедливо имаат највисока цена во споредба со внатрешноста на државата. Според последните достапни податоци, највисока просечна цена на становите, минатата година била на 29 декември. Тогаш просечната цена на станбениот квадрат изнесувала 1.679 евра. Најниска цена, пак, станбениот квадрат постигнал на 9 август кога просечната цена била 1.492 евра. Најскап квадратен метар има општина Центар каде просекот се движи околу 1.898 евра, а со најниски цени се становите во скопската населба Петровец, каде просечната цена се движи околу 1.090 евра за квадрат. Од другите градови во земјава, Охрид бележи слични цени, додека Прилеп и Кичево имаат пониски цени.
Сумираните податоци на Народната банка покажуваат дека цените на становите во Македонија од 2010 година до денес бележат раст од 54%. Тренд на значително поскапување на имотите започна со четвртиот квартал во 2021 година и продолжи низ цели 2022 и 2023 година. Лани, недвижностите најмногу покапеа (11,4%) во вториот квартал, што е скок за 2,5 пати во споредба со првите три месеци, кога имаа цените тренд на стагнација и се зголемија за само 4,6%.
Од агенциите за недвижности што ги консултиравме не очекуваат дека ќе има намалување на цените на становите во главниот град, бидејќи, како што потенцираат, понудените недвижности буквално веднаш се продаваат, особено оние со помала квадратура, иако цената на квадратот е повисока отколку кај поголемите станови.
Иако градежниците не коментираат јавно, според нивната проценка, високите цени на градежните материјали се пречка за значително намалување на станбените цени. Очекуваат дека ако државата преземе чекори, како субвенционирање на дел од цената, тоа би можело да помогне во намалувањето на трошоците и во подобрувањето на условите на пазарот.
Општина Куманово ќе им плаќа кирија на луѓе кои немаат стан
Општина Куманово ќе субвенционира трошоци за домување на материјално и станбено необезбедени лица, информираа од секторот за социјална заштита. Оваа мерка можат да ја користат корисници на гарантирана минимална помош за 2025 година, како и материјално и станбено необезбедени лица кои живеат на територија на општина Куманово (лица кои живеат под кирија).
Овие лица паралелно можат да користат и субвенции за комуналии, за сметки за вода и смет.
(С.Бл.)