Дека навистина се случува ова, не мора да се биде очевидец – доволно е да се забележат групи од по десетина дезориентирани кучиња, кои не се обележани со маркици, панично се движат по булеварите и, очигледно, се пуштени во средина што им е непозната. Од Здружението за заштита на животните „Анима мунди“ велат дека овие кучиња најчесто не дозволуваат близок контакт, што укажува дека доаѓаат од средини каде што немале човечки контакт или, пак, оној што го имале бил непријатен. Со оглед на тоа што излегува ситуацијата од контрола, бараат итна реакција од надлежните институции. Од Здружението сметаат дека нема да се реши овој проблем со прикривање и со префрлање на одговорноста
Во последните години, со сè поголем интензитет, очевидци во повеќе градови сведочат за појава што предизвикува загриженост: од бели комбиња, во раните утрински часови, се пуштаат глутници бездомни кучиња. Дека навистина се случува ова, не мора да се биде очевидец – доволно е да се забележат групи од по десетина дезориентирани кучиња, кои не се обележани со маркици, панично се движат по булеварите и, очигледно, се пуштени во средина што им е непозната.
Од Здружението за заштита на животните „Анима мунди“ велат дека овие кучиња најчесто не дозволуваат близок контакт, што укажува дека доаѓаат од средини каде што немале човечки контакт или, пак, оној што го имале бил непријатен.
– Најчесто тоа се кучиња со голем раст, несвојствени за урбаните средини, бидејќи во градовите ретко кој чува раси како кангали и шарпланинци. Сепак, овие „мешанци“ наликуваат токму на нив. Познато е дека граѓаните можат да пренесат куче од една во друга општина во рамките на својот град, но ова што се случува е далеку од поголема организација. Заловувањето и транспортирањето цели групи кучиња не се можни без соодветна опрема, транспортен капацитет и логистичка поддршка – потенцираат од „Анима мунди“.
Пред два месеци, во Општина Битола беа пријавени бездомни кучиња со маркици од Општина Прилеп. Прифатилиштето во Битола залови неколку од нив и ќе поведе постапка.
– Минатиот месец, во вечерните часови, беше забележано бело комбе во сопственост на Општина Гостивар, како заловува кучиња, иако таа општина има договор со ветеринарната станица Центар од Кичево. Каде завршија тие кучиња?! – прашуваат од ова Здружение.
Минатата недела, по барање на бензинска пумпа во Гевгелија, беа дислоцирани кучиња во ненаселено место – шума, од страна на ЈПКД „Комуналец“ – Гевгелија.
– И не е првпат ова. Кој ќе одговара за нарушувањето на екосистемот и за загрозувањето на дивиот свет? Исто така, по гласовите дека приватна ветеринарна амбуланта од Скопје врши нелегална дислокација на кучиња за приватни фирми, ја контактиравме претставувајќи се како правно лице. Без никаков проблем, ни беше понудено да дојдат и да ги дислоцираат кучињата „доволно далеку за да не се вратат“. Каде завршуваат овие кучиња?! – зачудени се од „Анима мунди“.
Со оглед дека ситуацијата излегува од контрола, бараат итна реакција од надлежните институции.
– Министерството за внатрешни работи да ги земе овие пријави посериозно, да побара увид во камерите и да го санкционира ваквото загрозување на безбедноста на луѓето и на животните. Агенцијата за храна и ветеринарство да врши ригорозна контрола врз прифатилиштата и носителите на набавки за заловување, бидејќи, според правилата, кучињата треба да се вратат на местото каде што биле заловени. ЗЕЛС да дискутира за овој проблем со општините и да преземе мерки против оваа нефер практика на префрлање на проблемот од една во друга општина наместо спроведување на програмата „Залови, стерилизирај, вакцинирај и врати“ – велат од „Анима мунди“.
Од Здружението сметаат дека нема да се реши овој проблем со прикривање и со префрлање на одговорноста.
– Ќе се реши само ако секоја општина, без исклучок, спроведува програма за хуман третман на бездомните кучиња, со цел трајно и одржливо решение во интерес на животните и на луѓето – категорични се од „Анима мунди“.