Саемот на книгата, годинава ќе се одржи од 8 до 14 мај по 37. пат, а како и во последните неколку години е лоциран во арената „Борис Трајковски“. Во седум дена посетителите ќе можат да ги посетат штандовите со книги од домашни и странски автори на повеќето издавачи кои ќе излагаат оваа година. Мотото на Саемот на книга 2025 е „Храна за душа“.

Како што најавуваат организаторите, и оваа година, Саемот на книга ќе понуди богата програма за деца и млади, а ќе бидат организирани и специјални посети за најмладите љубители на книгата од основните и средните училишта.

„Пред нас е 37-то издание на оваа вредна и долготрајна книжевна и општокултурна манифестација која го обединува целиот културен свет на едно место – читателите (сегашни и идни), писателите, професионалците и сите допрени од магијата на книгите. Како сведок на голем број изданија на Саемот, горд сум што оваа манифестација опстојува – но и се развива, покрај сите предизвици, а со тоа ги одржува и духот и културата во градот и во државата, го чува и возвишува светот на книгите, светот на смислата и убавината, светот на приказните што го прават животот поубав” вели Бојан Саздов, Претседател на Македонската асоцијација на издавачи и Извршен директор на Издавачки центар „Три“.

Жарко Кујунџиски од „Антолог“, пак, додава дека Саемот на книга секоја година претставува исклучителна можност за блиска средба меѓу издавачите, авторите и читателите и простор каде што книгите ја добиваат својата вистинска вредност – преку разговори, препораки, интеракција и заедничко уживање во литературата.

Саемот на книга ќе може да се посети од 10.00 до 20.00 часот.

ИЗДВОЕНИ