Гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска по повод одлуката на ЕСП истакна дека од членството во СЕПА очекуваме бројни придобивки за нашите граѓани, компании, но и за економијата во целина.
Како што беше истакнато на вчерашниот брифинг со новинарите по повод членството во СЕПА, на Македонија, Албанија и Црна Гора им е даден 6 октомври 2025 година, како почетен датум за влез на банките од овие држави во платежните шеми на СЕПА. Граѓаните очекуваат банките да наплатуваат пониски провизии за трансфери на пари од една во друга банка
Европскиот совет за плаќања денеска ја прифати нашата земја како 39. членка на Единствената област за плаќања во евра (СЕПА). Под водство на Народната банка, нашата земја направи значителни напори да ја усогласи правната рамка во доменот на плаќањата и платните системи со регулаторните барања на Европската Унија (ЕУ), со што и официјално се приклучи кон платежната област СЕПА, исполнувајќи една од најважните цели на патот кон членство во ЕУ.
Гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска, по повод одлуката на ЕСП, истакна дека од членството во СЕПА очекуваме бројни придобивки за нашите граѓани, компании, но и за економијата во целина.
– Пред сè очекуваме побрзи, побезбедни и поевтини прекугранични плаќања во евра. Ова е особено важно за македонската економија којашто се карактеризира со висок степен на трговска отвореност (еден од највисоките во ЦЈЕ) и голем обем на прекугранични плаќања. Оттаму, и потенцијалот за заштеда во трошоците, за подобрување на ликвидноста и за зголемување на конкурентноста на компаниите е голем. Секако, ова може да одигра значајна улога во процесот на натамошна трговска интеграција, забрзан економски раст и намалување на доходовниот јаз со ЕУ – посочува гувернерката.
Таа истакна дека членството во СЕПА е потврда и за високите регулативни стандарди кои се применуваат од страна на финансиските институции, што е важно за натамошно поттикнување на конкуренцијата, иновациите, но и за задржување на финансиската стабилност, како предуслов и за макроекономската стабилност којашто е јавно добро.
– Нашата економија се карактеризира и со релативно високи приливи на дознаки од странство, коишто достигнуваат и до 15% од БДП. Со оглед на тоа дека дознаките претставуваат значителен дел од расположливиот доход на населението, нема да изостанат придобивките и врз оваа основа – истакна Ангеловска-Бежоска, додавајќи дека за да станат сите овие можности реалност, од особена важност се добрата подготовка и брзото и ефективно приклучување на нашите давателите на платежни услуги кон европските платни системи.
Во СЕПА членуваат 38 земји од ЕУ и од европската економска област, како Велика Британија, Швајцарија, Андора, Ватикан, Монако и Сан Марино, а од 2024 година членки се и Албанија и Црна Гора. Како што беше истакнато на вчерашниот брифинг со новинарите по повод членството во СЕПА, на Македонија, Албанија и Црна Гора им е даден 6 октомври 2025 година како почетен датум за влез на банките од овие држави во платежните шеми на СЕПА.
Граѓаните очекуваат банките да наплатуваат пониски провизии за трансфери на пари од една во друга банка.
(С.Бл.)