Финансиската поддршка за секоја нова дестинација е утврдена во износ од: 9 евра по патник во доаѓање до меѓународниот аеродром „Скопје“ и 12 евра по превезен патник до аеродромот „Свети Апостол Павле“ во Охрид. На Скопскиот и на Охридскиот аеродром, минатата година, беа опслужени 3,1 милион патници и од аеродромскиот оператор ТАВ Македонија очекуваат да се надмине овој број оваа година. Министерот за транспорт, Александар Николоски, деновиве најави уште најмалку шест нови авиолинии од Скопскиот и од Охридскиот аеродром до крајот на годинава
Владата сака да ја прошири листата со дестинации до кои ќе може да се лета од Скопскиот и од Охридскиот аеродром. Денеска, Министерството за транспорт објави јавен повик за доставување барање од домашни и од странски авиопревозници за доделување финансиска поддршка за воведување нова/нови дестинација/и од аеродромите во земјава. Финансиската поддршка се доделува за период од 1 јануари 2025 година заклучно со 31 декември 2027 година и за оваа намена, во следните три години се планирани 3,4 милиони евра.
Финансиската поддршка за секоја нова дестинација е утврдена во износ од: 9 евра по патник во доаѓање, во денарска противвредност по среден курс на Народна банка на Македонија на денот на изготвување на барањето за плаќање, за патниците превезени до меѓународниот аеродром „Скопје“ и 12 евра по патник во доаѓање, во денарска противвредност, за патниците превезени до аеродромот „Свети Апостол Павле“ во Охрид.
Според условите на јавниот повик, средствата кои се останати по првиот повик за финансиска поддршка, а кои се утврдени по години и не се пренесуваат, се во износ од: 81.613.245 денари (1.327.045 евра) за 2025 година, 62.144.371 денар (1.010.478 евра) за 2026 година и 63.255.968 денари (1.028.552 евра) за 2027 година.
– Авиопревозникот на кој ќе му биде одобрено барањето за финансиска поддршка треба секоја нова дестинација воведена од/до меѓународниот аеродром „Скопје“ и аеродромот „Свети Апостол Павле“ – Охрид, да ја опслужува најмалку два пати неделно, по однапред определен ред на летање за периодот за кој му се доделува финансиската поддршка, наведен во поднесеното барање, освен за неделата во која се паѓаат Нова година и верските празници католички и православен Божиќ – стои во повикот.
Се очекуваат барања од сериозни авиокомпании, кои имаат превезено најмалку пет милиони патници во претходната година и остварено профит од најмалку 10 милиони евра во таа година. Избраните компании што ќе користат субвенција до нејзиниот истек, може да поднесат барање да продолжи периодот на оперирање на воведената дестинација.
На Скопскиот и на Охридскиот аеродром, минатата година, беа опслужени 3,1 милион патници и од аеродромскиот оператор ТАВ Македонија очекуваат да се надмине овој број оваа година.
Министерот за транспорт, Александар Николоски, деновиве најави уште најмалку шест нови авиолинии од Скопскиот и од Охридскиот аеродром до крајот на годинава.
– Веќе донесовме четири од Скопје и два од Охрид, овие нови шест дополнително ќе ги објавиме до крајот на годинава. Кога дојдов на позицијата министер, увидов дека бројот на патници се намалуваше, а аеродромите во регионот ја зголемуваа конкуренцијата. Морам да кажам дека, по карактер, имам натпреварувачки дух и тоа беше голем мотив да ги сменам работите и еве, сега се менуваат работите. Ќе имаме нови дестинации и нека повелат колегите од Бугарија, Албанија, Србија да се натпреваруваме! Мислам дека јас ќе донесам најмногу авиолинии – истакна Николоски.
Летањето дронови ќе се регулира по Нова година
По Нова година, ќе почне да се применува новиот Правилник за воздухоплови без екипаж, во кој се пропишани условите за операторите и за далечинските пилоти на дронови, како и неговото значење за безбедноста при извршувањето операции со воздухоплови без екипаж.
– Со новата регулатива се воведува нова категоризација на операциите во зависност од степенот на ризик, се утврдува методологијата за проценка на ризиците, се дефинираат начинот и постапката за стекнување со сертификат за оспособеност за далечински пилот во отворена категорија, се пропишуваат условите што мора да се исполнат за операциите во отворена, посебна и сертифицирана категорија, како и специфичностите за секој вид операции – велат од Агенцијата за цивилно воздухопловство.
Правилникот дополнително ги конципира должностите и одговорностите на операторот и на далечинскиот пилот, отвора можност за онлајн регистрација на оператор на дрон во отворена категорија, самоподготовка и полагање за А1 и за А2-сертификат за далечински пилот.
– Од следната година, операторите на воздухоплови без екипаж ќе имаат можност за најава на летови во реално време, како и да резервираат воздушен простор преку апликацијата на АЦВ, за најава на летови со дронови – велат од АЦВ.
Во земјава има регистрирано над 400 дрона.
(С.Бл.)