Вработените на граничните премини на Бугарија и на Романија со земјите од Шенген зоната на 1 јануари за последен пат дојдоа на работа. Се сликаа за спомен и си заминаа. Двете земји од почетокот на оваа година, 18 години по станувањето членки на Европската Унија, станаа полноправни членки и на Шенген зоната, за што чекаа 13 години.
Контролите на копнените граници ги затворија на полноќ на новогодишната ноќ. Сега Бугарија одржува шест гранични премини помалку, а Романија има дури 30 помалку. Но, граничниот режим со земјите што не се членки на ЕУ, вклучувајќи ја и Македонија, и понатаму останува ист. За македонските граѓани, ново е само тоа што ако патуваат за Бугарија преку Грција, би им ги проверувале пасошите само во Грција, земјата од каде што влегле во Европската Унија. За српските туристи што летуваат во Грција, ова е особено поволно, зашто дел од нив одат до својата дестинација преку Бугарија. Сега на својот пат нема да имаат застанување на границите, освен на бугарската каде што влегуваат, и се очекува да има помалку метеж по патиштата. Патувањето низ Бугарија е идеално првенствено за туристите што патуваат на Тасос, во Кавала и во околните одморалишта. По тој пат може да се оди и до Ставрос и до Аспровалта, како и до Атос (Иерисос, Неа Рода, Уранополис), кои се многу популарни меѓу српските туристи. Од друга страна, за Македонија тоа значи помалку метеж по патиштата во текот на туристичката сезона, но и драстично помали приходи од патарините.
Бугарија ги затвори граничните премини со Грција: Капетан Петко Војвода, Ивајловград, Маказа, Златоград, Илинден и Кулата. Автомобилите сега поминуваат низ тие премини без застанување, но со приспособена брзина до 50 километри на час, додека во одредени зони брзината е ограничена на 30 километри на час. Сепак, граничната полиција врши проверки по случаен избор во зона од 30 километри од државната граница. Возачите мора да ја носат целата потребна документација, како лични документи така и документи за возилото. Патниците што пристигнуваат со авион или преку море од други земји од Шенген зоната, повеќе нема да треба да ги покажуваат своите пасоши по пристигнувањето. Тоа значи дека патниците на летовите, патувањата со бродови и траектите нема да подлежат на проверки, што ќе го олесни патувањето во голема мера.
Иако и Романија се приклучува на Шенген на 1 јануари 2025 година, проверките на бугарско-романската граница ќе продолжат до 30 јуни оваа година, во согласност со правилата за членство. Бугарија ќе врши контрола на граничните премини Видин, Орјахово, Сомовит-Никопол, Свиштов, Русе, Силистра, Кајнарџа, Кардам, Крушари и Дуранкулак. По 1 јули 2025 година, и овие премини ќе престанат со работа, а проверките ќе се вршат по случаен избор во зона од 30 километри.
По приклучувањето на двете земји кон Шенген зоната, граѓаните на ЕУ што патуваат со автомобил, воз или со автобус, сепак, ќе треба да ги носат своите пасоши. Од друга страна, ова нема да важи за патниците што пристигнуваат со авион или со брод.
Патниците од балканските земји што не се членки на ЕУ ќе треба да имаат на ум дека, како и досега, мора да ги почитуваат правилата за престој во земјите на Унијата најмногу 90 дена. Ако останете во Бугарија или во Романија 30 дена, а потоа влезете во друга шенген-земја, на пример Грција, тие 30 дена влегуваат во максималните 90. Ако останете во шенген-земја подолго од 90 дена, може да се соочите со парични казни или со забрана при влез во земјата.
Шенген зоната, сега заедно со Романија и со Бугарија, брои 29 земји членки – сите држави од ЕУ со исклучок на Кипар и на Ирска, но и земјите од ЕФТА-групата: Швајцарија, Исланд, Норвешка и Лихтенштајн.