Цената за парно греење за потрошувачите во Скопје, од 1 февруари се зголемува за 5,03 проценти, одлучи Регулаторната комисија за енергетика, по доставените барања на трите компании ќерки на ЕСМ, кои побараа зголемување на цената на топлинската енергија. Ова доаѓа како резултат на порастот на цената на природниот гас, на светските берзи за 16 проценти во последниот квартал од 2024 година. Со ова зголемување, како што истакна претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, се очекува просечната сметка за топлинска енергија да се зголеми за околу 100 денари, па така оние што досега плаќале 2.100 денари, од февруари ќе плаќаат 2.200 денари.

Поскапувањето на цената на парното греење предизвика партиски реакции. Од СДСМ велат дека власта уште посилно удира по џебот на народот, откако не ги заштити граѓаните од серијата поскапувања на цените на производите. Од Левица посочуваат дека со поскапувањето на парното Владата покажува дека нема визија за зајакнување на енергетскиот сектор, ослободен од приватните интереси на крупниот капитал

 

Парното греење во Скопје од утре поскапува за 5,03 проценти, одлучи Регулаторната комисија за енергетика, откако трите фирми-ќерки на АД ЕСМ, кои го презедоа бизнисот со топлинската енергија од „Балкан енерџи“, доставија зголемени трошоци што ги имаат поради поскапиот природен гас на светските берзи и намаленото производство на ТЕ-ТО, кое наместо 60 отсто учествувало со 51 отсто во производството на топлинска енергија.

Првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимоски, рече дека сметките на корисниците незначително ќе се зголемат, така што оние домаќинства што досега плаќале за парно 2.100 денари, од 1 февруари, од кога ќе стартува новата цена, ќе добиваат сметка од 2.200 денари, односно покачувањето е 100 денари.

Оваа цена се однесува за корисниците на топлинска енергија од топланите „Исток“ и „Запад“, но Бислимоски истакна дека во текот на февруари и топланите во Железара и во Скопје-Север ќе поднесат барање за зголемување на цената на парното во тој дел од градот. Одлуката за овие потрошувачи ќе стапи во сила од 1 март.

– На светските берзи се бележи зголемување на цената на природниот гас во последниот квартал на 2024 година, а тоа зголемување продолжува и во јануари и ќе продолжи во февруари. Лани кога знаевме дека цената на гасот ќе паѓа, направивме намалување на цената за топлинска енергија на останатите потрошувачи за 35 проценти, исто така, и во текот на летото кога ги тргнавме субвенциите, цената ја намаливме за 3 проценти – изјави Бислимоски.

Зголемувањето на цените на топлинската енергија следува откако и ЕСМ- Дистрибуција на топлина и ЕСМ – Производство на топлина поднесоа барање за зголемување на цената на парното и топлинската енергија за 13, односно за 20 отсто, оправдувајќи го ваквото барање со зголемените трошоци за набавка на гориво.

Поскапувањето на цената на парното греење предизвика партиски реакции. Од СДСМ велат дека власта уште посилно удира по џебот на народот, откако не ги заштити граѓаните од серијата поскапувања на цените на производите.

– Со дебаклот на „кошничките“ профитираа големите трговци кои испумпаа над 10 милиони евра од џебовите на граѓаните, затоа што владата на Мицкоски тоа им го овозможи. Платите стагнираат, власта ги закова и не сака да ги покачи. И додека владата лета во облаци и планира да купува авион, Мицкоски одбива да го прифати предлогот за поголема минимална плата за работниците. Згора на тоа, сега на барање на ЕСМ се покачува цената на парното. Поскапувањето на парното е потврда за неспособноста на власта којашто не успеа навреме да обезбеди поевтин природен гас – реагираат од СДСМ.

Од Левица велат дека со удоволување на барањето на ЕСМ за поскапување на парното, Владата ѝ помага на компанијата.

– Неодамна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска изјави дека не планираат да инвестираат во оваа државна компанија и ја упатија помош да бара од кредити во приватните банки, наместо да ѝ помогне Владата – велат од Левица.

Оттаму посочуваат дека со поскапувањето на парното се врши уште еден удар врз џебот на граѓаните!

– Владата покажува дека нема апсолутно никаква визија за зајакнување на енергетскиот сектор, ослободен од приватните интереси на крупниот капитал. Додека големите бизниси добиваат државни субвенции и даночни олеснувања, граѓанинот ќе плаќа поскапа топлинска енергија за спас на ЕСМ од расипничкото работење на претходните власти – нагласуваат од Левица.

Во Скопје на системот за парно греење се приклучени 63.000 домаќинства. Од нив, 58.000 се на системот на ЕСМ или поранешен БЕГ, 1.900 на железарското парно и 400 домаќинства на „Топлификација-Север“.

(С.Бл.)

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ