Со консолидирање на економијата во третиот к вартал БДП беше со раст од 3%, што според премиерот Христијан Мицкоски е најдобар резултат во Европа. Тој очекува дека растот на БДП во четвртиот квартал да биде уште поголем.
БДП тој очекува да продолжи да расте и наредната година.
– Очекувам следната година, според разговорите што ги водев, со новиот сопственик на ФЕНИ, да отпочне со производство, што би значело 250 до 300 милиона евра извоз. Тоа е некаде 1,5 до 2 проценти од нашиот БДП. Очекувам Вардакс нафтоводот да почне да работи со што би се рестартирала ОКТА која што би тргувала на пазарот на Јужна Србија и Косово дополнителен извоз и тоа е дополнителен раст на БДП. Очекувам капиталните инвестиции со општините својот замав да го земат во прв и втор квартал следна година – вели Мицкоски во телевизиско интервју.
Говорејќи за кредитите од унгарскиот кредит премиерот очекува да земат свој полн замав во првиот квартал следната година.
– Да сумирам, очекувам оваа година да ја завршиме со над 1 милијарда странски инвестиции, да имаме раст на БДП до 4% во четвртиот квартал, што би значело годишен од 3% – вели Мицкоски.
На прашањето дека граѓаните очекуваат зголемување на минималната плата, а не очекуваат зголемување на ДДВ како што најавува Светска банка, претседателот на Владата истакна дека тоа би било најлесно ако се зголеми ДДВ, на грбот на граѓаните, тоа е најлесна мерка и секој може да каже така треба.
– Но, тоа е последното нешто што треба да се направи без да се преземат друг тип на сет мерки кои што ќе не доведат до нешто кое што за граѓаните ќе значи подобар стандард – рече Мицкоски.
За минималната плата рече дека сигурно ќе се зголеми, но за колку, зависи од преговорите на синдикатите и работодавачите.
– Имаше два состанок на економско социјален совет, се договоривме со министерот еднаш месечно, сега ќе имаме во јануари и февруари, состојбата е таква да некои процеси не зависат од самата влада. Ако се договорат работниците и работодавачите меѓу себе, ние што можеме тука, но секако ќе има по закон и ќе биде некаде околу 24.400 денари – рече Мицкоски.
Тој нагласи дека заврши праксата да се седи дома и да се зема плата.
– Сега има поголема дисциплина и се бара работа. Сите оние политички амнестирани и привилегирани неработници од било која политичка партија кои не одат на работа, а земаат плата, нема повеќе да одат на работа и нема повеќе да земаат плата. Без разлика дали се Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци или од било кој друг етникум – потенцираше премиерот Мицкоски.
Во однос на тоа како граѓаните ја гледаат работата на владата, премиерот Мицкоски истакна дека расте задоволството од работата на оваа влада, односно дека многу е поголем процентот на задоволни граѓани споредено со минатата влада.
– Ако направиме компарација од овие шест месеци на оваа влада и пред една година претходната влада ќе видите дека дури и мнозинството Албанци сега се позадоволни, во коефициент 2 повеќе од тоа што било порано, а генерално 3,5 пати повеќе граѓаните се позадоволни од минатото – изјави премиерот Мицкоски.