Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, очекува иницијативата за вршење општокорисна работа на малолетниците што уништуваат во најкус можен рок да се преточи во закон, со цел да се намалат ваквите девијантни појави во општините.

– Очекувам во најбрз рок да се преточи нашата иницијатива во закон, барам поддршка од сите пратеници да ги поддржат новите законски измени за да може да го спречиме вандализмот во општините. По доставувањето на иницијативата од ЗЕЛС до Владата, очекувам ресорните министерства да предложат измени на законите, кои ќе се донесат по брза постапка во Собранието. Вандализмот е проблем што мора сите ние заеднички, меѓуинституционално да го решаваме. Еве повторно гледаме вандализам во центарот на градот, кај Жена-парк Борец, каде што се скршени и откорнати клупи со расфрлан отпад. Мора да го стопираме ова – вели Герасимовски.

Иницијативата доаѓа откако, во неколку наврати, се соочија центарци со вандализам во населбата Капиштец, каде што малолетници обија багер, со што предизвикаа штета на паркирано возило, кршеа шишиња, фрлаа петарди, уништуваа разни реквизити, спортски и детски игралишта и се тепаа. Герасимовски смета дека со општокорисна работа ќе се подигне свеста кај младите и кај родителите на многу повисоко ниво за да не се повторуваат девијантните однесувања како вандализам.

– Нашиот предлог е преку општествено одговорна работа да ги вметнеме младите што имаат вакво девијантно однесување, заедно со родителите да ја подигнеме свеста кај младите на многу повисоко ниво за сите заедно што повеќе да се грижиме за јавното добро и за да не се повторуваат вакви несакани дејства –рече Герасимовски.

Иницијативата на Општина Центар беше едногласно прифатена на последната седница на Управниот одбор на ЗЕЛС и со неа се предвидува да се направат измени на постојните законски решенија како Законот за прекршочна постапка, Законот за пробација и Законот за правда за децата. Овие измени ќе донесат позитивни резултати кај малолетните вандали. Во многу европски земји како Велика Британија, Луксембург, Шведска, мерката за општокорисна работа на малолетници што уништуваат се покажала ефикасна за нивна ресоцијализација, едукација за вредностите како одговорност и почитување на јавните простори.

ИЗДВОЕНИ