Како очигледна потврда на зголемените предупредувања дека климатските промени може да предизвикаат недостиг на храна, истражувањето на консултантската компанија „Инверто“ (Inverto) покажа нагло зголемување на цените на низа прехранбени производи во периодот до јануари, што се совпаѓа со невообичаените временски услови, пишува The Guardian.
Неколку институции ја прогласија 2024 година за најтопла година досега, а трендот на пораст на температурата ќе продолжи и во 2025 година. „Инверто“ посочува дека долгорочното зголемување на екстремните временски настани ќе продолжи негативно да влијае на приносите на регионалните култури, предизвикувајќи вртоглаво покачување на цените.
Најголеми поскапувања се забележани кај какаото и кафето, чии цени пораснале соодветно за 163, односно 103 отсто, поради комбинацијата на натпросечни врнежи од дожд и високите температури во регионите производители, се вели во истражувањето.
Цената на сончогледовото масло порасна за 56 отсто, откако сушата предизвика лоша жетва во Бугарија и Украина, кои сè уште се опоравуваат од руската инвазија. Меѓу прехранбените производи со најголеми годишни поскапувања се сокот од портокал и путерот, чии цени се зголемени за повеќе од една третина, додека говедското месо е зголемено за нешто повеќе од една четвртина.
„Производителите на храна и трговците на мало треба да ги диверзифицираат синџирите на снабдување и стратегиите за набавка за да ја намалат преголемата зависност од поединечните региони погодени од неуспесите на културите“, рече Катарина Ерфорт од „Инверто“.
Климатските научници истакнаа дека заклучоците од истражувањето на Инверт се во согласност со нивните предвидувања.
„Екстремните временски настани ширум светот ќе продолжат да се интензивираат и ќе се случуваат почесто, во согласност со континуираниот пораст на глобалните температури“, рече Пит Фалун, експерт за безбедност на храна од Метеоролошката канцеларија на ОК и Универзитетот во Бристол.
„Посевите често се ранливи на екстремни временски услови и можеме да очекуваме дополнителни нарушувања на глобалното земјоделско производство и синџири на снабдување, што на крајот дополнително ќе ја зголеми загриженоста за безбедноста на храната“, додаде Фалун.
Макс Коц од Институтот за истражување на климатските влијанија во Потсдам истакна дека податоците покажуваат дека екстремната топлина веќе директно влијае на цените на храната.
„Минатата година донесе бројни примери во реално време за овој феномен – екстремната топлина во Источна Азија доведе до значително зголемување на цените на оризот во Јапонија и цените на зеленчукот во Кина“, рече тој.
„Силно погодени се и пазарните производи – екстремните горештини и сушата во западноафриканските земји кои произведуваат какао и во регионите за производство на кафе во Бразил и Виетнам предизвикаа вртоглаво покачување на цените. Сè додека емисиите на стакленички гасови не се смалат на нула, екстремните горештини и сушата ќе продолжат да се интензивираат ширум светот, предизвикувајќи уште поголеми проблеми за цените на земјоделството и храната отколку што се соочуваме во моментов.