Очекуваа да мавтам со пензијата, а јас настапив на „Макфест“ со нов имиџ и нова песна

177

Поп-дивата Елена Ристеска мангупски одговори за озборувањата на естрадата!

Поп-пејачката Елена Ристеска, некогашната македонска претставничка на Песна на Евровизија со хитот „Нина-најна“, сè почесто се појавува во забавните шоу-програми на македонските телевизии. Ја памтиме и по успешното учество во гламурозното балканско шоу „Твоето лице звучи познато“, кога мошне интересно ги имитираше популарните личности. Многумина се сложни дека Ристевска, по толку поминато време, сега станала прилично духовита. Наводно, во некое поранешно време била малку препотентна. Веројатно за тоа имала причина, изгорена од приказните на лоши луѓе кои често допираа и до ушите на љубопитни новинари.

Елена, пред некој ден настапи во забавното шоу „Нешто конкретно“, (кај Снеже Велков), во кој зборуваше за некои свои очекувања. Најмногу разбранувања крена кога кажа доколку на овие години фати фраер помлад од неа, веднаш од злоба и правење сеири ќе ѝ ја залепат етикетата: „Види ја бабава!“ А, вистина е дека кај Елена се сменија критериумите кога е во прашање физичкиот изглед кај мажот: – Порано гледав да е навистина фраер, сега барам нешто друго кај фраерот!

Тоа предизвика многу добра смеа! Но, Ристеска „се отвори“ па изусти и неколку коментари во врска со нејзиниот брачен бродолом.  – Иако јас заработував повеќе од него, тоа воопшто не беше причина што се разведов. Нека остане така, без дополнителни објаснувања!

Но, навистина Ристеска имаше многу теми за муабети, па во еден момент ги посочи и оние лошотии од луѓето кои пред време ја пратија во естрадната пензија: – Очекуваа да мавтам со пензијата, а јас настапив на „Макфест“ со еден нов имиџ, нова песна. Покажав дека не сум за пензија, за староста. Имам јас уште многу нешта да кажам, да испеам во музиката.

Инаку, пред некое време Ристеска се огласи по повод неисплатата на хонорарите на дел од музичките работници кои настапија за новогодишните и божиќните празници.     – Поддршка за колегите, бидејќи секој што одржал концерт треба да биде платен!  Ние музичарите живееме од концерти! Ниту еден странски музичар не си отишол од Македонија неисплатен! Потценување на македонските музичари мора да престане, бурно реагираше пејачката преку „Инстаграм“, изразувајќи поддршка и кон својата колешка Викторија Лоба.

 (Д.М.) фото:ФБ

 

ИЗДВОЕНИ