Три дена по се уште неразјаснетиот звучен инцидент за време на 15-минутниот молк на протестот во саботата, Првото основно јавно обвинителство во Белград соопшти дека врз основа на прибраните извештаи, безбедносните служби не употребиле „звучен топ“.
Обвинителството побарало податоци од министерствата за внатрешни работи, одбрана и здравство, како и од Безбедносната разузнавачка агенција (БИА).
„Од извештаите на сите горенаведени институции, недвосмислено се констатира дека ниту една од горенаведените организациски единици и членови ангажирани за обезбедување на протестите на 15 март не слушнале, виделе и употребиле таканаречен „звучен топ““, тврди обвинителството.
Неколку домашни и меѓународни невладини организации и опозициски политичари рекоа дека за време на протестите била користена некаква форма на звучен удар, што властите го негираа.
Министерот за полиција Ивица Дачиќ, БИА, како и висок офицер на Војската на Србија, негираа дека безбедносните сили користеле оружје или уреди што предизвикуваат таков ефект за време на демонстрациите.
Подготвени сме да поднесеме барање до американските и руските безбедносни служби ФБИ и ФСБ во врска со наводната употреба на топот“, изјави Милош Вучевиќ, премиерот на Србија во заминување.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, ја обвини опозицијата и нивните поддржувачи дека измислиле звучен топ.
Невладините организации, како што е белградскиот Центар за човекови права, ги повикаа луѓето кои биле „во моментот на испалување на таканаречениот звучен удар за време на 15-минутниот молк и кои претрпеле какви било повреди“ да контактираат со нив.
До понеделник вечер со нив контактирале повеќе од три илјади луѓе.
На четири од 12-те снимки, откриен е звук кој одговара на она што го испушта Вортекс топ, оружје што турка гас низ цилиндар со брзина од речиси 300 километри на час, објави невладината организација Еаршот, која се занимава со звук и заштита на човековите права.