Обвинителството покрена истрага по сведочењето на Коста Кецмановиќ: „Од каде им се тие детали?!“

32

Јавното обвинителство во Белград во вторникот покрена истрага поради протекување на детали од сведочењето на малолетното момче кое изврши масовно убиство во основното училиште „Владислав Рибникар“ на 3 мај 2023 година, а кое вчера беше сослушано во судот како сведок во судски процес кој беше затворен за јавноста

Како сведок во кривичната постапка против неговиот татко, момчето Коста.К е изведен пред суд од психијатриската установа каде е сместен по убиството на деветмина негови врсници и чуварот во училиштето.

Во моментот на делото, на 14-годишна возраст, Коста не подлежи на кривична одговорност како малолетник. Тој со пиштолот на татко му ги убил своите соученици, а по претходни истражни дејствија, таткото е обвинет дека го однел на стрелиште да вежба пукање како и дека не го чувал соодветно оружјето и муницијата во станот.

Во некои медиуми, иако процесот беше затворен за јавноста, во текот на денот се појавија неофицијални делови од сведочењето на момчето пред судот, па обвинителството побара истрага.

Момчето наводно ги обвинило своите родители наведувајќи, како што објавија некои медиуми, дека делото го сторил „бидејќи се чувствувал отфрлен и осамен“.

Тој наводно признал дека сакал да го изврши убиството на 3 мај и дека лесно ги нашол двата пиштоли на татко му во плакарот и подоцна ги однел во својата соба.

„Обвинителството ќе ги набави потребните информации и известувања за да утврди дали и во дејствијата на кое лице се стекнати карактеристиките на кривичното дело Повреда на доверливоста на податоците или некое друго кривично дело кое се гони по службена должност“, соопштија од обвинителството.