По четири одложувања, денеска почна главата расправа за модуларната болница во Тетово. Тогашните директори, Флорин Бесими и Артан Етеми, кои се обвинети за кривичното дело тешки дела против општата сигурност, се изјаснија дека не се чувствуваат виновни. И адвокатот на правното лице ЈЗУ Клиничка болница, за делото предизвикување општа опасност, изјави дека не чувствуваат одговорност.
Судскиот процес го води судијата Реџеп Муса, кому му беше делегиран предметот откако Апелацискиот суд во Гостивар, во април 2024 год., го врати на повторно судење. Процесот требаше да почне на 26 јуни минатата година, но се одложи за 25 септември 2024, потоа за 5 ноември 2024 година и за 15 јануари 2025 година.
На 5 јуни 2023 година, Основниот суд Тетово одреди условна осуда за обвинетите директори Флорин Бесими и Артан Етеми, за кривичното дело тешки дела против општата сигурност, додека правното лице ЈЗУ Клиничка болница беше прогласено за виновно за делото предизвикување општа опасност, во судскиот процес по пожарот во модуларната болница во Тетово, во 2021 година, кога 14 луѓе ги загубија животите. Судот тогаш одлучи да има ослободителна пресуда за докторот Бобан Вучевски и за Клиничката болница, за делото непостапување по здравствени прописи. Според пресудата, на обвинетите Флорин Бесими и Артан Етеми им беше утврдена казна затвор од по една година и шест месеци, условна осуда и утврдената казна затвор нема да се изврши доколку, секој за себе, во време од три години не сторат ново кривично дело. Правното лице требаше да плати парична казна во висина од еден милион денари, 30 дена по правосилноста на пресудата. Судењето почна на 7 декември 2022 година, откако имаше четири одложувања дотогаш. За пожарот во тетовската модуларна болница, кој се случи на 8 септември 2021 година и во кој 14 луѓе ги загубија животите, на 27 јули 2022 Обвинителството поднесе обвинителен предмет до Основниот суд Тетово, откако десет месеци се вршеше истражна постапка.