Обвинетиот возач Менсур Пајазити кој ја прегази Теодора Ристовска од Тетово призна вина

101

Во Основниот суд во Тетово денеска почна повтореното судење за сообраќајната несреќа во која загина 22-годишната Теодора Ристовска, која во септември 2022 година беше прегазена од обвинетиот Менсур Пајазити. Несреќата се случила  додека чекала да се запали зеленото светло и да ја помине улицата, обвинетиот Пајазити, со своето возило БМВ ја удрил младата девојка која почина во болница поради тешките повреди кои ги добила од ударот. Обвинетиот се појави пред судот и ја призна вината откако обвинителот го прочита обвинението. Семејството на Теодора, со чие присуство атмосферата во салата беше тешка, се приклучи кон кривичниот прогон и побара и надомест за претрпената болка.

Ова е ново поглавје во долгата и болна постапка, откако претходното рочиште беше одложено поради наводно лекување на обвинетиот. Адвокатката на семејството тогаш најави дека ќе побара докази дали Пајазити навистина бил хоспитализиран, сомневајќи се во одлагањето.

Случајот досега помина низ неколку судски лавиринти. Во ноември 2023 година, Основниот суд во Тетово му изрече казна од три и пол години затвор, но Пајазити ја обжали пресудата. Апелациониот суд му ја намали казната на две години, а Врховниот суд, на барање за вонредно преиспитување, ги укина двете пресуди и го врати случајот на почеток. Пајазити се товари за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, со можност за казна затвор од една до пет години.Семејството на Теодора, иако изморено од постојаните судски одложувања и пресврти, останува решено – правдата, колку и да доцни, мора да дојде.

 

ИЗДВОЕНИ