„Лажно време“ е насловот на книгата со избор од поезијата на Раде Силјан што деновиве беше објавена во издание на Здружението за уметност и култура „Дијалог“ од Скопје, а во знак на одбележување на јубилејот 75 години живот и 50 години творечка дејност. Овој репрезентативен зборник на творештвото на еден од најзначајните современи македонски поети, е во избор и со предговор на д-р Весна Мојсова – Чепишевска.

Таа во предговорот под наслов „Поетот на нашето време – есенцијата на Силјановата песна“, посочува дека „Лажно време“ од Раде Силјан е проект со впечатливи творечки и креативни достоинства, поетско дело во кое „се чита едно и современо и севремено тагување и тихување над сите болки, над сите болести и сите таги и сите премрежја на својот, но и заради својот народ, јазик, семејство, роден крај.

Раде Силјан (1950) е поет, критичар, есеист, книжевен истражувач, преведувач и антологичар. Автор е на 23 стихозбирки. Добитник е на највисоките признанија за поезија кај нас: наградите „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата и „Ацо Шопов“ на Друштвото на писателите на Македонија. Носител е на Државната награда „11 Октомври“ за животно дело во областа на уметноста.

Поезијата на Раде Силјан во посебни книги е преведена на англиски, руски, грчки, турски, италијански, бугарски, српски, унгарски, полски, латински, романски, црногорски, влашки, словенечки, албански и бошњачки јазик. Добитник е на високи меѓународни признанија за поезија.

 

ИЗДВОЕНИ