Објавена првата долгорочна прогноза за летото: Динамично време и поголем ризик од топлотни бранови

93

Пристигнаа првите прогнози за летото 2025 година, според кои над Европа се очекува динамично време. Почетокот на летото треба да биде обележан со поголеми врнежи на континентот, а средината и подоцнежните периоди на летото ќе бидат посуви, со поголем потенцијал за натпросечни топлотни бранови.

Иако експертите за Severe Weather Europe нагласуваат дека ова не се фиксни сценарија, тие ни даваат слика за тоа што покажуваат раните прогнози за летото 2025 година во Европа.

Пред предвидувањата за летото, европскиот метеоролошки портал прво ја дава најновата прогноза за пролетта, поточно прогнозата за април, мај и јуни.

Тримесечната прогноза покажува дека над западна и северозападна Европа се развива област со низок притисок. Ова отвора простор за прилив на потопол и повлажен воздух од југ, особено од Медитеранот, а во исто време поле со висок притисок се формира над источна и североисточна Европа.

Ако го погледнеме температурниот тренд, се гледа дека на голем дел од континентот воздухот ќе биде потопол. Натпросечни врнежи се прогнозираат во поголем дел од Европа, особено на запад и северозапад, додека во југоисточните делови ќе бидат посуви.

Преминот од пролет во лето ќе биде доста динамичен, додека постабилни услови се предвидуваат за средината и подоцнежното лето.

Според првичните проценки, во јуни ќе се задржи област со низок притисок над северниот дел на Атлантикот и северозападна Европа, додека во исто време се очекува зајакнување на антициклонот кон исток и Скандинавија. Ваквите услови се поволни за западни и југозападни струи кон централна Европа, што значи потопол воздух и зголемена влажност, кои често носат нестабилност и поизразени временски услови.

Се очекува дека температурите ќе бидат натпросечни низ поголемиот дел од Европа, а највисоки ќе бидат во централна, југоисточна и северна Европа. Повеќе врнежи се очекуваат во западните и централните предели и во северозападниот дел, додека јужниот и југоистокот ќе останат посуви.

Поголем ризик од топлотни бранови во јули

Јули е типично најтоплиот месец во годината, а според моделите на Severe Weather Europe, ова може да биде особено случај оваа година. Најавен е стабилен и силен антициклон кој ќе се насели над централна и северна Европа. Станува збор за т.н систем за блокирање кој носи долгорочна стабилност, топлина и сувост.

Температурите ќе бидат највисоки во централна и југоисточна Европа, додека на крајниот север и југозапад од континентот се очекува да бидат поблиску до просечните.

Врнежите ќе бидат ретки во поголемиот дел од централна и северна Европа, додека малку повеќе дожд ќе врне на крајниот север, над делови од Обединетото Кралство и Скандинавија. Сè укажува дека јули може да биде одбележан со поизразени сушни услови и зголемен ризик од топлотни бранови, особено во централна Европа.

Август носи континуирани високи температури

Последниот месец од метеолошкото лето често носи продолжени горештини, а така се очекува да биде и годинава. Високиот притисок и топлотните бранови ќе се задржат над централна и северна Европа. Областа со низок притисок на исток донекаде ги ограничува екстремните температури во тој дел од континентот.

Највисоки температури се очекуваат во централните и северните делови на Европа.

Врнежите ќе бидат ретки низ поголемиот дел од континентот, а на крајниот север и исток можни се малку повеќе врнежи.

ИЗДВОЕНИ