„Македоника литера“ неодамна ја објави книгата „Република Македонија и југословенската федерација: 1944 – 1963“ од Невен Радически.
Предмет на научниот интерес во овој историографски труд претставува општествениот, политичкиот, културниот и економскиот развој на современата македонска држава во периодот меѓу 1944 и 1963 година. Првиот, наедно и најкраток период од овој временски распон, т.н. асномската фаза во развојот на македонската држава, започнува со Првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ) 2 август 1944 година и завршува со формирањето на првата Влада на Демократска Федерална Македонија (ДФМ) на 16 април 1945 година, на Третото заседание на АСНОМ (одржано од 14 до 16 април), со што завршило конституирањето на органите на државната власт на ДФМ.
Административно-централистичкиот период претставува наредна етапа во развојот на современата македонска држава, кој траел до донесувањето на Уставниот закон на 2 февруари 1953 година. Тогаш започнува периодот карактеристичен по воспоставувањето, односно по развивањето на работничкото самоуправување како модел на државно уредување. Тој трае до 1971 година. Од 1971 до 1990 година, пак, започнува, трае и завршува последната фаза во опстојувањето на авнојска Југославија, именувана како период на либерален делегатски социјализам и на договорна економија. Станува збор за процеси кои често се испреплетувале и, неретко, со различен интензитет, истовремено се одвивале, па поради тоа не е секогаш возможно да се определат и навистина попрецизни временски одредници и периоди.
Овој период завршува со усвојувањата на Уставот на Социјалистичка Федеративна Република Југославија (СФРЈ) и на уставите на нејзините републики во 1963 година, со кои работничкото самоуправување било воведено во сите сфери и на сите нивоа во општествените, во политичките и во економските односи, и со кои биле зајакнати позициите на републиките и на покраините во однос на федерацијата. Наедно, 1963 е година во која доаѓа до смена на политичките раководства во одделни југословенски републики, меѓу кои и во Македонија, со што се создале услови за поголема демократизација на македонското општество. Во 1963 година, исто така, Скопје било погодено од земјотрес кој имал катастрофални последици и значително влијаел врз севкупните состојби во републиката.
Низ нецели две децении (1944-1963), во еден релативно краток временски период, низа важни настани, појави и процеси влијаеле врз развојот и текот на општествено-политичките, на културните и на економските состојби во современата македонска држава, со што биле поставени некои од основите за нејзиното натамошно доизградување во самостојна, независна и суверена Република Македонија.
Невен Радически (1979) е доктор по историски науки и работи во Институтот за национална историја во Скопје, каде што магистрирал и докторирал. Се занимава со проучување на најновиот период од историјата на македонскиот народ, односно на периодот од создавањето на современата македонска држава до нејзиното осамостојување.