Судењето за двојното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, денеска, се одложи поради здравствени проблеми на адвокатот на Љупчо Палевски, Јовица Страшевски. Следното рочиште е закажано за на 23 април, следната среда, во 10 часот во Кривичниот суд, а потоа на 28 април.
Судијата Ивица Стефановски информираше дека добил поднесок од бранителот Јовица Страшевски, со медицинска документација и со барање за одложување на рочиштето. Страшевски доставил медицински упат со датум од 14 април и лекарски извештај од 15 април и ги навел и датумите на кои не може да дојде на судењето.
– Ова е прво одлагање. Судот има разбирање, но нема да дозволи да се повтори. Доколку се случи уште еднаш вакво нешто ќе поставам бранител по службена должност – рече судијата Стефановски.
Обвинетите вчера не беа спроведени во судот, затоа што судијата го откажал транспортот штом го добил барањето од Страшевски.
На следното рочиште Палевски треба да продолжи со својот исказ на прашања од својот бранител. На минатото рочиште зборуваше што правел на 22 ноември 2023 година, дента кога е убиен Панче Жежовски. На следното рочиште треба да објасни што правел на 27 ноември, кога е убиено девојчето Вања Ѓорчевска.
За убиствата, освен Палевски се обвинети Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев. Обвинет е и Александар Ѓорчевски, таткото на Вања, за помагање во грабнувањето на неговата ќерка.
По исказот, Палевски ќе одговара на вкрстени прашања на Обвинителството и на адвокатите на останатите обвинети. Последен ќе го распрашува судијата Ивица Стефановски. Палевски на едно од минатите рочишта најави дека ќе предложи дополнување на доказите. По одложувањето на рочиштето, адвокатот на обвинетиот Боре Видевски, кој во целост ги негираше кривичните дела и во својата одбрана рече дека во деновите на убиствата бил на слава или спиел, најави дека ќе побара реконструкција на убиствата.
„Ова е фаза на постапката кога секој ја кажува својата верзија. На крајот, неминовно е по исказите кои се дадени, да се направи реконструкција на настанот и неминовно е настанот да се врати во истрага. Ова од неколку причини. Првично бидејќи се споменуваат други лица кои не се обвинети, ниту учесници, а се споменуваат во исказите на обвинетите. Постојат неколку снимки кои Обвинителство не ги дале да се гледаат, а едни од нив се од бензинската станица „Лукоил“ во Велес, каде што се гледа ликот на Панче Жежовски, а е направена на 22, денски. А викаат дека човекот е убиен на 22 во 9 часот. Некои работи мора да се расчистат дали со реконструкција дали со враќање на предметот во истрага“, рече адвокатот Бојан Манев.
Законот за кривична постапка предвидува органот што ја води постапката, во случајот судот, да може да одреди реконструкција на убиствата, која се врши така што ќе се повторат дејствијата или ситуациите во условите под кои според прибавените докази се одиграл настанот. Ако во исказите на одделни сведоци или осомничени, односно обвинети, дејствијата или ситуациите се различно прикажани, реконструкцијата на настанот, по правило, посебно ќе се изврши со секој од нив, стои во ЗКП. (П.А.)