Обезбедувањето ја чекало пејачката Маја Николиќ за да ја исфрли на улица – нема крај на скандалите на Српскиот Избор на песна за Евровизија 2025

2011

– Жирито, по договор, ми даваше нули. Очекуваа да им се одмаздам. Јас не сум дотолку примитивна. РТВ Србија направи голема неправда кон мене и мојата екипа. Без разлика на тоа, песната што ја пеев веќе е голем хит на целиот простор од Вардар до Триглав. Организаторот допрва ќе зажали за овој скандал!

Пејачката Маја Николиќ (инаку, малечка по раст, но “отровна“ по зборувањето), не успеа вчеравечер да се пласира во големото евровизиско финале на српскиот Избор на песна за Евровизија. Со гипс на ногата, таа ја испеа певливата „Жали, срце моје“, добивајќи големо ракоплескање. Иако беше така добро примена од публиката, таа остана разочарана. И онака е позната по својот избувлив карактер, како некоја што се расправа со речиси сите, но по ова фијаско, не ја затвора устата. Гласна е и зборува повеќе отколку што треба. Дури имаше и една несмасна изјава, која не им се допадна на многумина: „Ќе победам на овој српски избор и потоа ќе одам на главниот евровизиски избор во Швајцарија да го истакнам српското знаме!“

Сепак, Маја не само што не победи туку не влезе ни во финалето, што беше причина за нејзини контроверзни изјави.

– Според гласовите на народот и на медиумите, јас сум апсолутен победник. А, да, и ограбена сум, затоа што требаше да влезам во финалето. Сите го знаат тоа. Жирито, по договор, ми даваше нули, а вклучуваше ликови како некојси Лук Блек, Фирчи тапанарот, сè такви…. Значи, јас и мојот бенд сме апсолутни морални победници. Многу ѝ благодарам на РТВ Србија што ме направи жртва и српска хероина, затоа што навистина сум тоа. Важно е да знаете дека сите заедно згрмевме и ги згазивме со мојот оригинален настап. Едноставно кажано, бевме најдобри. Ви благодарам на сите, драги мои! Благодарност до сите медиуми. До новинарите за максималната поддршка. Ви благодариме за љубовта! Мојот син, Лазар, кој е дел од екипата, и јас, достоинствено ги издржавме оваа неправда и ова големо искушение.

Тие што ми ја нанесоа неправдата, што ми ја украдоа победата, беа исплашени од моја одмазда. Пратија дури и обезбедување, кое ме чекаше пред соблекувална. Зборуваа гласно, јас ги слушнав: „Чекаме да ја исфрлиме Маја од РТВ Србија право на улица“. Ќе зажалат. Иако не сум дотолку примитивна да им се одмаздам. Место тоа, требаше да ме чекаше обезбедувањето како вистинска ѕвезда, бидејќи сум ѕвезда, па нека разбере кој како сака. РТВ Србија треба да се срами поради тоа што не влегов во финалето. Песната ми е и онака најголем хит, насекаде се слуша.                                 Дури и на просторите на поранешна Југославија, од Вардар до Триглав. Само не им чини на нашите во РТВ Србија. За нив, Маја е непожелна – раскажа бесната поп-пејачка,  заминувајќи од телевизиското студио каде што се одржа втората гламурозна полуфинална фестивалска вечер.    Д. М.

 

ИЗДВОЕНИ