Македонија активно работи на создавање нови услови за снабдување со природен гас по конкурентни цени и е подготвена да ги истражи можностите за продлабочување на енергетската соработка со Азербејџан, кој се смета за значаен партнер во регионот. На оваа тема разговараа министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска со амбасадорот на Република Азербејџан, Камил Касијев.
– Амбасадорот на Азербејџан ја потенцираше подготвеноста на неговата земја за продлабочување на соработката со Македонија, нагласувајќи дека државниот врв, вклучувајќи го министерот за енергетика и претседателот на Азербејџан, активно поддржуваат иницијативи во енергетскиот сектор – соопштија од Министерството за енергетика.
Оваа година во Азербејџан ќе се одржат неколку значајни средби и форуми од областа на енергетиката, при што овие настани ќе претставуваат можност за зацврстување на соработката.
Средбата се надоврзува на неодамнешните активности за зајакнување на билатералната соработка. Во ноември минатата година, на Самитот за климатски промени КОП29 во Баку, министерката Божиновска и претседателката Гордана Сиљановска Давкова остварија средба со претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев, кој ја изрази подготвеноста на неговата земја за соработка на инфраструктурни проекти, особено во делот на гасификацијата на Македонија.
Дополнително, во истиот период, ЕСМ и СОКАР, државна компанија од Република Азербејџан, потпишаа Меморандум за разбирање со кој се отвораат можности за подобрување на достапноста на природен гас и обезбедување стабилно снабдување по конкурентни цени.
Азербејџан игра значајна улога во енергетскиот сектор на регионот, со снабдување на природен гас преку различни интерконектори. Бугарија добива гас од Азербејџан преку интерконекторот со Грција, што значително ја менува енергетската карта на Европа. Србија, исто така, потпиша договори за снабдување со азербејџански гас, со планови за испорака на 400 милиони кубни метри гас годишно до 2026 година.