Мишел Барние поднесе оставка од функцијата премиер на Франција, откако парламентот во средата изгласа недоверба на него и на неговата влада.
Барние утрово дошол во Елисејската палата и си заминал по едночасовниот разговор со францускиот претседател Емануел Макрон, пренесува BFMTV.
Барние и неговата влада ќе останат на функција се додека не биде номиниран нов премиер, се вели во соопштението од Елисејската палата.
„Премиерот Мишел Барние ја поднесе оставката до Емануел Макрон. Барние го обезбедува, заедно со членовите на владата, управувањето со тековните работи до назначувањето на новата влада“, се наведува во соопштението.
Емануел Макрон, по итно враќање од посетата на Саудиска Арабија, вечер ќе и се обрати на јавноста, соопштија од Елисејската палата.
Ројтерс, повикувајќи се на повеќе неименувани извори, објави дека целта на Макрон е што поскоро да назначи нов премиер.
Пратениците во францускиот парламент, 331 од вкупно 574, синоќа и изгласаа недоверба на Владата, откако Мишел Барние, кој два и пол месеци е на чело на Владата, одлучи да го искористи членот 49.3 од Францускиот Устав да го принуди усвојувањето на буџетот без гласање.
Лидерката на француската екстремна десница Марин Ле Пен по падот на владата изјави дека притисокот врз Макрон расте, но дека таа не бара негова оставка, нагласувајќи дека за тоа може да одлучи само Макрон.
Пратеничките групи на левите и крајно десничарските партии во францускиот Парламент во понеделник поднесоа предлог за гласање доверба на Владата.
Националното собрание и изгласа доверба на Владата, што во таа институција не се случи од 1962 година, кога на нејзино чело беше Жорж Помпиду.