Oпасни сценарија за дестабилизација – жешка политичка есен или сеење страв?!

118

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, тргна во одбрана на партијата, по обвинувањата од премиерот Христијан Мицкоски дека ДУИ планира дестабилизација на државата од септември. Ахмети ги отфрли обвинувањата за дестабилизација, но не отстапува од најавените чекори за, како што вели, одбрана на изборниот легитимитет. Тој вели дека Владата е таа што креира сценарија за дестабилизација за да ги обвини другите. Лидерот на интегративците, вчера, во партиското седиште во Тетово, го примил бугарскиот амбасадор во Скопје, Ангел Ангелов, а претходно, во четвртокот, имал средба со евроамбасадорот, во заминување, во земјава, Дејвид Гир. Како што соопштија од партијата, Ахмети разговарал и со Ангелов и со Гир за коридорот 8, уставните измени, како и за клучните државни договори – Охридскиот, Преспанскиот и Договорот за добрососедството со Бугарија, евроинтеграциите и изборниот легитимитет. На средби со граѓаните, Ахмети зборувал за активностите што ќе ги преземат ДУИ и Европскиот фронт во одбрана на легитимитетот од септември.

Лидерот на ДУИ рекол дека ДУИ е државотворна партија, а тврдења на премиерот Мицкоски за сценарија за дестабилизација се невистинити и претставуваат намерни и опасни владини сценарија за обвинувања, со цел да се дефокусира јавноста од недостигот на резултати и секојдневни владини скандали.

– ДУИ го има докажано својот придонес за стабилноста и безбедноста и се спротивставува на секој политички, владин, инсцениран обид за дестабилизација и ги повикува Албанците и другите да не потпаднат на провокациите на Владата без етнички легитимитет – истакнал Ахмети и потсетил на ветувањето на, како што ја нарекол Вреди, „поразените“ на изборите за уставни измени цели шест месеци и истакнал дека ДУИ останува посветена на евроинтеграциите.

И на средбата со Гир, исто така во партиското седиште во Тетово, Ахмети истакнал дека ДУИ е посветена на стабилноста и отфрла секакви монтирани политички владини обиди за дестабилизација. Како што соопштија од партијата, Ахмети му ја елаборирал на Гир нацрт-платформата за легитимитет, подготвена од авторот на Охридскиот договор, Пол Вилијамс, и ПИЛПГ, мислењата на локалните експерти и чекорите што ќе ги преземат ДУИ и Европскиот фронт во одбрана на легитимитетот.

– Ахмети зборуваше и за тенденциозните предупредувања на премиерот Мицкоски за дестабилизација, истакнувајќи загриженост за можно намерно владино инсценирање преку обвинување други, со цел да се дефокусира јавноста од потфрлувањата на власта. ДУИ е посветена на стабилноста, безбедноста, мирот, добрите меѓуетнички и меѓусоседски односи, како и на европската интеграција и отфрла секакви монтирани политички владини обиди за дестабилизација – соопштија од ДУИ по средбата Ахмети – Гир.

На новинарско прашање дали има информации дали ДУИ подготвува дестабилизација и протести од септември, првиот вицепремиер, Изет Меџити, вчера изјави дека ДУИ нема никаква поддршка кај Албанците и ќе се соочи со последиците. Меџити не одговори конкретно за евентуални сознанија.

– Што и да е, немаат никаква поддршка кај Албанците. Ќе се соочат со последиците. Уште еднаш ќе ги повикам да си се вратат себеси, да се реформираат. Во спротивно, мислам дека Албанците немаат ниту желба ниту сакаат да протестираат кога нема политичка кауза. Нивната кауза е да се спасат „Соравија“ и нивните политички зделки – рече лидерот на Демократското движење, кое е дел од коалицијата Вреди.

Пред неколку дена, Меџити изјави дека мал број луѓе со црни пари посакуваат да има дестабилизација во државата за да си ја спасат кожата, но рече дека тој не верува оти ќе се случи такво нешто.

Препукувањата околу можните сценарија за дестабилизација се засилија откако премиерот Христијан Мицкоски, во четвртокот, повторно ја обвини ДУИ за вакво сценарио. Мицкоски рече дека има индиции дека високи поранешни функционери, кои располагаат со милионски суми, мобилизираат луѓе на терен за манипулација и се обидуваат да испровоцираат етнички конфликт.

– Имаме индиции за елементи, кои располагаат со огромни милионски суми пари, дел од нив се високи функционери во поранешни влади и кои се обидуваат да мобилизираат луѓе на терен, во најголем дел да манипулираат и она што особено ме загрижува мене е тоа што се обидуваат да провоцираат етнички конфликт, односно да ја дестабилизираат меѓуетничката хармонија во Македонија. Тоа е она што најмногу ме вознемирува, бидејќи сфаќаат дека тие не може да мобилизираат луѓе на друг начин и сега единствениот начин е да испровоцираат ваков вид конфликт. Нема да го дозволиме тоа. Апелирам и до јавноста, и до медиумите, и до граѓаните да се воздржат од какви било провокации, да ги игнорираат – изјави Мицкоски, одговарајќи на прашање во врска со тврдењата за дестабилизација на државата.

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, пак, смета дека наративите за меѓуетнички конфликт и дестабилизација се договорени помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Во интервју за „Фокус“, тој вели дека ваквите наративи им одговараат на овие две партии, а оваа стратегија на подигање меѓуетничка тензија ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ ја спроведувале пред изборите и сега повторно ја враќаат во игра. Премиерот Мицкоски, пред две недели, изјави дека има информации добиени од повеќе канали, дека раководството на ДУИ, во обид да го заштити капиталот што го создавал изминативе 20-ина години, есенва ќе преземе чекори во насока на дестабилизирање на државата.

(В.С.Н.)