Oбјавен романот „Таласа“ од Александру Македонски

44

„Македоника литера“ неодамна го објави романот „Таласа“ од романскиот писател Александру Македонски, во превод од романски јазик на Ирина Кроткова.

Александру А. Македонски (1854 – 1920) е романски поет, прозаист, драматург и публицист од македонско потекло, често споменуван како најпознат и највлијателен романски поет после Михај Еминеску. Наречен е поет на рондели, црпејќи инспирација од француската литература. Тој бил првиот претставник на симболизмот во романската литература и предвесник на локалната модернистичка литература, првиот локален автор кој употребил слободен стих.

„Таласа“ е роман што наликува на идила како пасторалата од античко време „Дафне и Хлоја“ од Лонг и која кореспондира со античките митски времиња, но измешана со елементи на вдахно­вена лирска инспирација и со модерни процеси и состојби. Александру Маке­донски овој роман го извел во стил на прозна песна и во манир на симболите на старата поезија, но и со филозофски пев. „Таласа“ врзува многу нишки од изворите на старата и новата култура и е сложено дело со многу длабински слоеви и во кое херојот е трагичен лик и симбол од драмата на идеализмот.

За да ја создаде својата естетика во ова дело, Македонски во него внесува раскош од симболика и лирика, и многу алузии на мотиви, митови и ликови од античката историја и митологија. Овде е прикажан животот на млад сиромашен човек по доброволното бегство во осаменост на пуст остров, по чувството дека не му припаѓа на општеството. Но таму се будат многу други дотогаш ненасетени чувства и доживувања во еден безграничен простор меѓу небото и земјата, и во безгранично време меѓу сегашноста и минатото. До полн израз доаѓаат отелотворувањето на фантазиите и преобразбите на духот, при што постојано е тенка границата и со реалноста и со халуци­нациите кои кореспондираат со древната митологија. И имињата на ликовите произлегуваат од таа митологија. Ова е роман со брилијантни описи и со вешта лирска вивисекција на телото и на духот на главниот лик распнат меѓу реалноста и митските времиња, меѓу вознесот од земските убавини и судбината, меѓу животот и смртта. Романот покажува како искушението на љубовта носи смрт.

Херојот Таласа работи како светилничар на Змискиот Остров, фантазирајќи за златното доба на човештвото. Неговата судбина се менува по еден бродолом крај островот, при што една девојка, Калиопа, од брановите е исфрлена до брегот на островот…

Освен својата поетска дарба, во овој роман Александру Маке­донски покажува и голема ерудиција, првенствено за античката егејска митологија. Француската романсиерка Рахилд во својата рецензија по француското издание на овој роман напишала: „Многу тешко за читање, целосно развиено на симболистички начин [и] речиси невозможно да се раскаже, очигледно напишана на француски, но сепак очигледно е замислена од Романец (и каков духовен Романец!)“

„Таласа“ е забележан по многуте културни референции, а особено по користењето на широк спектар на метафори. Ваквите аспекти се оценети негативно од современите критичари. Тудор Виану пишува дека „поетот троши толку скапоцени камења што ни се чини дека некои од нив мора да се лажни“, додека Калинеску, кој забележува дека некои фрагменти откриваат „неспоредлив уметник“ и „професионален метафо­рист“.

Истражувачот на книжевноста Николае Манолеску во својата студија „Критичка историја на романската литература. Пет века литература“ (2008) смета дека романот „Таласа“ е најос­тварената проза на Македонски. Во „Речник на романската литература од нејзиното потекло до 1900 година“ (2002), издание на Романската академија, пишува дека „Таласа“ во еден еротски конфликт вклучува една од македонските опсесии: расипување на идеалот на реалното, носталгијата за оттрг­нување од тиранијата на реалното и целосно остварување под знакот на идеалот.

Александру Македонски е автор на поетските книги: „Прв збор“ (1872), „Итало“ (поема, 1878) „Песни“ (1882), „Екселзиор“ (1895), „Бронзи“ (1897), „Светите цвеќиња“ (1912), „Поема на ронделите“ (1927), на прозните: „Тривијална драма“ (1896), „Златната книга“ (1902), „Искушенија на огнот“ (Париз, 1906), „Таласа“ (1916) – романската верзија на романот „Искушенија на огнот“, „Куси раскази“ (1923) и театарските: „Желба!“ (комедија, 1882), „Саул“ (со Синсинат Павелеску; трагедија, 1893), „Смртта на Данте Алигиери“ (1916) и „Близнаци“ (1918).

„Таласа“ е првото дело од Александру Македонски публикувано на македонски јазик, со финансиска поддршка на Институт за култура на Романија.