Oбјавен романот „Додаток за фотоалбум“ од рускиот писател Владислав Отрошенко

18

„Додаток за фотоалбум“ е роман од современиот руски писател Владислав Отрошенко , којшто неодамна на македонски јазик го објави издавачката куќа „Македоника литера“. Преводот од руски јазик е на Ленче Тосева, a во книгата се поместени предговор на авторот и поговор на Венко Андоновски.

-Романот претставува фасцинантна приказна за една куќа во која живее семејството на чичковците родени со бакенбарди, раскажана со суптилен хумор, двосмисленост и со виртуозно преплетување на фантазмагоријата, митот и реалноста, па затоа и е наречена „најфантазмагоричната семејна хроника напишана на руски јазик“. Без динамичен заплет, без неочекувана серија на настани, но и без ниту една излишна слика или детаљ, авторот со својот специфичен наративен пристап и со динамичниот и жив јазик создава прилично јасна слика за една парадоксална безвременска реалност, но притоа остава простор и за личната фантазија на читателот. Нестандардниот магичен реализам или поточно магичниот постмодернизам го прави романот да „изгледа како магична кутија исполнета со изненадувања и авантури“, но и како еден повеќедимензионален и мистичен свет, посочуваат од „Македоника литера“.

Италијанската славистка Надија Каприољо вели дека „големата куќа“ прикажана во романот со неистражени сали, со непробојни простории и ходници е „архетипот на фантастичната Русија, која никогаш не се променила од времето на Гогољ“.

Венко Андоновски, пак, во поговорот на романот пишува: „Едноставно, овој вулкан од писател не остава недопрена ниедна конвенција во својата експериментална лабораторија на романот! Тој е книжевен козак и книжевен бунтовник на XXI век! Отрошенко со овој роман, во стил на голем автор, ни ги открива можностите за меѓусебно читање на два различни медиуми: фотографијата и онаа вербализирана ствар­ност што ја викаме – роман. Сè на сè, ова е сјаен роман. Роман-тест за можностите на романот денес.“

Попознати книги на Владислав Олегович Отрошенко (1959 година, Новочеркаск, Руска Федерација) се: „Личност без кредибилитет“ (2000, 2005, 2010), „Тајната истори­ја на создавањето“ (2005), „Води ме, слепецу“, истражувачки роман за судбината и кривичниот случај на Сухово-Кобилин (2007), „Додаток за фотоалбум“ (2007), „Дворот на прадедо Гриша“ (2010), „Гого­лијана и други раскази“ (2013), „Гоголијана. Писателот и просто­рот“ (2016), „Предградијата на Вавилон“ (2022). Член е на меѓународниот ПЕН-центар и на Сојузот на руските писатели. Член е на жирито за книжевна награда „Јасна Полјана“. Неговите дела се преведени на 14 јазици. Добитник е на повеќе национални награди во Русија.