Многу луѓе консумираат премногу шеќер на дневна основа, што може да има негативни долгорочни здравствени последици. Додадените шеќери се наоѓаат во различни производи, вклучувајќи газирани пијалаци, засладени чаеви, десерти, сосови, преливи и џемови, додека природните шеќери од овошјето и зеленчукот доаѓаат спакувани со корисни хранливи материи.
Бидејќи шеќерот често се крие во неочекувани намирници, внесувањето лесно може да биде поголемо отколку што мислиме. Нутриционистот Линдзи Фенкл за порталот Eating Well ги истакна најчестите промени на кои треба да обрнете внимание доколку сте загрижени за количината на шеќер во вашата исхрана.
Денот го започнувате и завршувате со слатка храна
Ако го започнете денот со кроасан и засладено кафе, а го завршите со сладок десерт, лесно можете да го надминете препорачаниот дневен внес на шеќер. На пример, голем кроасан и слатко кафе може да содржат речиси 40 грама шеќер, а дополнителна порција сладолед после вечерата може да ви донесе до вкупно 55 грама шеќер дневно.
Уморни сте и после спиење
Недостатокот на сон може да ја зголеми желбата за слатка и калорична храна, а консумацијата на шеќер дополнително го нарушува квалитетот на сонот. Ненадејните скокови и падовите на нивото на шеќер во крвта по оброците со шеќер може да доведат до замор, глад и обновена желба за слатки, создавајќи маѓепсан круг на исцрпеност.
Секогаш сте жедни
Прекумерната жед може да биде знак за прекумерно внесување шеќер. Кога нивото на шеќер во крвта е високо, телото се обидува да се ослободи од вишокот преку урината, што предизвикува зголемена жед. Ова може да биде и ран знак за дијабетес тип 2, па затоа е важно да обрнете внимание и да се консултирате со вашиот лекар доколку забележите трајни промени.
Ви се зголемува холестеролот
Иако можеби не го поврзувате шеќерот со нивото на холестерол, истражувањата покажуваат дека високиот внес на шеќер може да го зголеми нивото на ЛДЛ „лошиот“ холестерол и триглицеридите. Вишокот шеќер во телото го стимулира производството на масни киселини, кои можат негативно да влијаат на здравјето на срцето.
Имате повеќе кариеси
Храната богата со додаден шеќер го зголемува ризикот од расипување на забите. Бактериите во устата ги претвораат шеќерите во киселини кои ја оштетуваат забната глеѓ. Ако забележите дека имате повеќе шуплини од вообичаено, тоа може да биде поврзано со прекумерно внесување шеќер.
Забележувате зголемување на телесната тежина
Храната богата со шеќер е често ниска со други важни хранливи материи, но богата со калории. Со оглед на тоа што таквата храна е многу вкусна и лесно е да се прејаде, тие можат да придонесат за зголемување на телесната тежина со текот на времето. Важно е да се нагласи дека ниту една храна не предизвикува зголемување на телесната тежина сама по себе – севкупните навики во исхраната се клучни.
Чувството за вкус се прилагодува
Ако често консумирате храна богата со шеќер, вашите пупки за вкус може да станат помалку чувствителни на сладост. Нутриционистот објаснува дека „големото количество шеќер може да ги десензибилизира рецепторите, па затоа ви треба се повеќе шеќер за да го постигнете истото чувство на задоволство“. Шеќерот го стимулира ослободувањето на допамин, невротрансмитер поврзан со чувството на среќа и мотивација, што може да создаде навика која тешко се прекинува.