Општинскиот совет на Истанбул, контролиран од опозицијата, го избра Нури Аслан за привремен градоначалник на градот, откако градоначалникот и водечка опозициска фигура во Турција, Екрем Имамоглу, беше уапсен под обвинение за корупција.
За изборот на Аслан гласале 177 од 314 членови на општинскиот совет, пренесува Ројтерс.
Аслан ќе ја извршува функцијата градоначалник сè додека Имамоглу го чека судењето, додава агенцијата.
Имамоглу, главниот политички ривал на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, беше уапсен минатата среда, а неговото апсење ги предизвика најголемите улични протести во Турција во повеќе од една деценија.
Во неделата судот одлучи да го задржи Имамоглу во притвор до почетокот на судењето за наводно основање и водење криминална организација, давање поддршка на терористичка организација, корупција и примање мито, што тој го негира.