Новогодишна кошничка беше успешна и придонесе за намалување на цените на производите што беа вклучени во неа, велат од Министерството за економија и труд. Како потврда за тоа ги наведуваат податоците на статистика кои покажуваат оти во декември 2024 година, во однос на претходниот месец, намалувањето на трошоците за живот кај храната и безалкохолни пијалаци изнесува 0,3 отсто
Успешноста на акцијата велат дека се гледа во тоа што во неа биле вклучени 1.178 производи од 96 производители и дистрибутери, а се применувала во 762 продажни места на 51 маркет.
Од Министерството се повикуваат и на податоците од Индексот на трошоците на животот и на цените на мало од Државниот завод за статистика каде што се забележува дека инфлацијата во 2024 година споредено со 2023 година изнесува 3,5 отсто.
Што се однесува, пак, на месечно ниво, од Економија и труд велат дека во декември 2024, споредено со претходниот месец инфлацијата изнесувала 0,3 отсто.
-Податоците на статистика покажуваат дека во декември 2024 година во однос на ноември 2024 година намалувањето на трошоците за живот кај храна и безалкохолни пијалаци изнесува 0,3 отсто. Ова покажува дека новогодишната кошничка, каде што беа вклучени во најголем дел прехранбени и безалкохолни пијалаци, го дала својот ефект и цените на храната и пијалаците во декември 2024 година бележат намалување во однос на ноември 2024 година“, се наведува во соопштението од министерството.
Очекувањата на министерството се дека и во статистичките податоци за јануари 2025 година во однос на декември 2024 година, ќе се потврдат ефектите од новогодишната кошничка, односно да се оствари дополнително намалување на трошоците за живот кај храната и безалкохолни пијалаци.
Главната цел на новогодишната кошничка, што беше креирана од производителите, дистрибутерите и трговците, како што велат од министерството, била да се креира поширока листа на одделни прехранбени производи што се ставија со намалени цени на рафтовите во маркетите.
Оттаму додаваат дека со неа се спречило зголемување на цените пред и за новогодишните и божиќните празници и се одржало стабилно ниво на инфлацијата во декември 2024 година и во текот на овој месец.
Новогодишната кошничка, која почна да важи на 15 декември и траеше до 15 јануари, беше повод за партиски негодувања за нејзиното воведување и оправдување од власта.
Сепак опозициската СДСМ, Сојузот на синдикати на Македонија и граѓаните сметаат дека цените не се намалија, туку за одредени производи и се зголемија.
Од СДСМ велат дека политиките на власта со воведување на кошничката се целосно промашување со кое има поголема скапотија кај граѓаните и ги турка семејствата во уште поголема економска несигурност и во поголема сиромаштија.
Од Сојузот на синдикати на Македонија сметаат дека треба да се бараат нови начини за да им се помогне на граѓаните, бидејќи ваквите мерки покажале дека немаат ниту моментален ефект, односно не ги намалуваат цените ни додека се на сила. Синдикалците велат дека граѓаните ја изгубиле довербата во кошниците и дека не веруваат дека со наредните две, рамазанската што ќе трае во текот на март и велигденската во април, ќе има некое позначително намалување на цените на производите.
Анализите покажа дека храната во Македонија од 2021 досега поскапела за 46,8 отсто. Ова го потврдуваат и податоците на Државниот завод за статистика, кои за декември покажаа дека годишната инфлација изнесува 4,4, додека инфлацијата мерена на годишно ниво е 3,5 отсто. Најголемо поскапување на цените во декември лани, во однос на декември 2023, имало кај зеленчукот од 12,7 отсто, кај минералната вода, безалкохолните пијалаци, кај соковите од околу 16 отсто, потоа кај маслото, млекото, сирењето, јајцата. Само кај месото имало едноцифрен пораст од 4 проценти.