Во ресторанот „Виа игнација“ во Вевчани, викендов ќе се одржи вториот Новогодишен базар. Целта на базарот, како што информира организаторот, Ефимија Угриноска Кукоска, е да го раздвижи и разубави општествово во кое живееме.
Програмата, според неа, почнува утре на пладне со активности за најмладите, а ќе продолжи во вечерните часови со настап на Охридската група „Билјана”.
– Најмладите, утре ќе имаат можност да бидат дел од работилници за изработка на новогодишни украси, сликање со Дедо Мраз, дружење со Мики Маус, Пинк Пантер и др., како и штандови со чоколадо, лижавчиња, бонбони. В недела, детската програма ќе започне од 12 часот со детската театарска претстава „Зимска приказна“ на Интимен театар – Битола, а продолжуваме со настап на детските групи при балетското студио „Бах“, од Струга и ДЈ Џејбитс – изјави Угриноска-Кукоска.
Таа додаде дека за посетителите ќе бидат изложени и ракотворби од локални производители на предмети и накит: Билјана Брило, со накитот со суташ техника, Марија Маринова Поп Маркова, со накит од бакар и месинг, Филип Малезан, со накит од сребро и филигран, Ивана, со накит од волна, како и познатите производители на кремови Пеце-Леска, Трек ми џемчињата од цитруси и Весна, со најубавото лепче од кисело тесто.
Во рамките на настанот посетителите ќе имаат можност да уживаат во традиционалната храна и топли напивка.