Нов бран бури ја зафати Грција, повторно островот Родос, кој се уште не се опорави од катастрофалните последици од ураганот „Бора“ пред една недела.
На север од островот во Јалисос, но и на југоисток, во одморалиштето Фалираки, повторно се поплавени продавници, домови, хотели, поплавата однесе мостови, делови од асфалт на локалните патишта.
Спасувачките екипи кои пристигнаа од Атина се обидуваат максимално да му помогнат на локалното население во Фалираки, кој е практично отсечен од остатокот од островот и каде сообраќајот е возможен само преку обиколни патишта.
Драматично е и во Јалисос, а метеоролозите предупредуваат дека нови врнежи ќе пристигнат само во текот на ноќта. Имаше и предупредување од кризниот штаб и апел преку број 112 жителите да не ги напуштаат домовите и максимално да се ограничи секое движење и транспорт.
Невремето го зафати и Пелопонез, каде што се предупредени да бидат на готовност и жителите на одредени места околу Дервен Олимпија. Бидејќи се очекуваат катастрофи во централните делови на Грција, како и околу Атина, објавено е соопштение со точни упатства како да се однесуваат за да се избегнат несреќи. Меѓу другото, упатен е апел да не поминуваат помали реки со возила, да се избегнува престој на отворени простори бидејќи дождот е проследен со молњи и грмежи, во вакви моменти да не држат електрични уреди, мобилни телефони во раце.
Метеоролозите изразуваат загриженост за ситуацијата во која може да се најде Атика и велат дека доколку околината на главниот град се соочи со толку голема количина на дожд и такви налети на ветер како што беше минатиот викенд во Лимнос и Родос, последиците ќе бидат катастрофални.
Имено, Атика нема метеоролошки радар, со чија помош метеоролозите би можеле да добиваат ажурирани информации и да го прогнозираат развојот на ситуацијата во реално време и режими на потенцијална опасност. Вакви радари кои би помогнале да се предвиди приближувањето на опасните временски услови неколку часа порано не постојат на територијата на Грција.