2025 треба да биде година на испорака на конкретни резултати од институционалната борба против високата финансиска корупција и организираниот криминал, таргетира реформската агенда на Европската Унија и предвидува до крајот на годината Собранието да го донесе новиот Кривичен законик и негова примена од почетокот на следната година.
Од Министерството за правда, за весникот ВЕЧЕР велат дека новиот Кривичен законик е завршен и чека мислење од Европската комисија по што ќе биде доставен во владина и собраниска процедура. Законот е дел од вториот столб – фронт против корупцијата на Програмата за работа на Владата 2024-2028, кој предвидува реформа на правосудниот систем и системска борба против корупцијата, борба која пак ,,потклекна,, по измените во членовите 353 и 394, односно со намалување на казните за кривичното дело злоупотреба на службената положба и тоа за злосторничко здружување, кои значеа амнестија за многу обвинети од истрагите на поранешното СЈО. По изгласувањето на измените на Кривичниот законик од пратениците во Собранието, пред две години со европско знаменце, во голем дел случаи за корупција настапи апсолутна застареност, додека во други обвинителите побараа преквалификација и примена на „олеснителните” законски измени. Со новиот Кривичен законик, како што е најавено, треба да се вратат измените на членот 353 и 394, а земјава треба да истражува случаи на висока корупција – со навремени, професионални и транспарентни проактивни истраги, конечни пресуди и враќање на средствата, вклучувајќи конфискација на криминални средства, конфискација базирана на вредност, продолжена конфискација и конфискација од трето лице.
Токму конфискацијата на имотот стекнат со сторување на кривичното дело е значаен дел од новиот закон. Професорот по кривично право Владо Камбовски, кој ја предводеше работната група за изготвување на новото законско решение, вели дека во него се предвидени ригорозни санкции во делот на конфискација на имот стекнат по нелегален пат, а текстот во целост е усогласен со европското законодавство.
„Новиот КЗ предвидува конфискација на имот кој е стекнат со сторување на кривичното дело, имот кој е пренесен на трети лица без надомест, имот кој е пренесен на членови на семејството, а истиот треба да биде истражен и утврден од надлежните органи. Ќе се применува проширена конфискација за тешки кривични дела и дела од организираниот криминал, ќе се утврдува како криминален принос, не само она што е стекнато од кривичното дело за кое му се суди на сторителот, туку ќе се бара од него да го докажува потеклото на целиот имот остварен во одреден временски период пред извршување на делото и ќе се конфискува оној имот за кој нема да се докаже легално потекло на имотот. Предвидени се мерки кои се однесуваат на конфискување на имотот што е стекнат од конкретно дело од сторителот, трети лица, и од членови на семејството и проширена конфискација која се однесува на имот стекнат од конкретно кривично дело и кога се работи за потешки дела на организиран криминал и целиот имот што е стекнат во последните 5 години од денот на извршувањето на делото за кое постојат основи на сомневање дека е незаконски стекнат, ако сторителот не го докаже потеклото на тој имот, изјави за весникот ВЕЧЕР професорот Камбовски и додава дека ригорозните санкции ќе зависат од финансиската полиција, управата за јавни приходи, јавното обвинителство кои треба да ја утврдат имотната состојба на сторителот на делото, дали плаќал даноци или не плаќал, дали го пријавувал имотот, и сето тоа согласно со законот за кривична постапка и со законот за граѓанската конфискација на имот во граѓанска постапка. Камбовски уверува во цврстината на законската рамка на новиот КЗ и ја нагласува потребата од силен капацитет на истражните институции.
Во извештајот на ЕК за напредокот на земјава се забележува на слабата конфискација на имот стекнат по криминален пат. Од четирите вида на конфискација најмногу се применува таа во кривична постапка, односно кога државата станува газда на имотот од осудениот за кој е докажано дека е стекнат со кривичното дело. Весникот ВЕЧЕР веќе пишуваше дека агенцијата за одземен имот изминатата година наплатила милион и шестотини илјади евра стекнати по правосилност на пресуди, а од имотот на осудените функционери води тој на Сашо Мијалков, кој деновиве е популарен со црвеното ферари коешто го вози по улиците на Монте Карло.
До сега впечатокот е дека борбата против корупцијата е само декларативна но не и ефективна. Според последните податоци од финансиската полиција, во 2024 година до јавното обвинителство биле поднесени 34 пријави за финансиски криминал, во висина од 15 милиони евра. Дали парите ќе се вратат кај граѓаните, вербата е толку помала колку што границите за бегство од правдата се поголеми. (П.А.)