Некои медиуми објавија дека студентите биле тепани со палки, но министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ изјави дека тоа не е точно, туку, како што рече, студентите ги нападнале полицајците, при што повредиле еден од нив. Сепак, на снимки објавени на социјалните мрежи, јасно се гледа дека во еден момент полицијата тргнува во јуриш низ толпата студенти, удирајќи ги со пендреци и дека повредениот полицаец во цивил, Лазар Бачиќ, е удрен од припадник на жандармеријата. Во екот на студентските протести пред РТС во Белград, кои, како што е најавено ќе траат 22 часа, Вучиќ го прими Доналд Трамп Помладиот, син на американскиот претседател
По три месеци студентски протести низ повеќе градови во Србија и блокади на образовните институции, ситуацијата во државата неделава кулминира.
Околу половина час пред полноќ во понеделникот, студентите стигнаа до просториите на Радио-телевизија Србија (РТС) во Кошутњак, каде што застанаа пред капијата, а ги блокираа влезовите во зградата на РТС во Белград, каде што поставија шатори и на Радио-телевизија Војводина (РТВ) во Нови Сад. Нивниот гнев беше предизвикан од водителка на РТС, која интервјуирајќи го претседателот Александар Вучиќ ги нарече џган, а употреби и други погрдни зборови за нив. Во текот на ноќта десетици студенти и граѓани се собраа и пред Радио-телевизија Крагуевац (РТК). Пред зградата на РТС во центарот на Белград се случи инцидент. Жандармеријата ја проби студентската блокада по што настана хаос. Некои медиуми објавија дека студентите биле тепани со палки, но министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ изјави дека тоа не е точно, туку, како што рече, студентите ги нападнале полицајците, не дозволувајќи им да влезат во зградата на РТС, при што повредиле еден од нив. Исто го тврдеше и претседателот Александар Вучиќ, кој се сликаше со повредениот полицаец и рече дека бил удрен со боксирач и завршил со раскрвавено око.
-Бидејќи некои медиуми веднаш почнаа да лажат, морам да кажам дека немаше полициска интервенција. Како и секогаш…, рече Дачиќ за ТВ „Пинк“, но не успеа да ја доврши реченицата, бидејќи го прекина Вучиќ велејќи „Извинете, не можам повеќе да го слушам ова правдање“, по што си замина.
Сепак, на снимка објавена на социјалните мрежи, јасно се гледа дека во еден момент полицијата тргнува во јуриш низ толпата студенти, удирајќи ги со пендреци. Исто така, на социјалните мрежи се појавија и видеа на кои се гледа како повредениот полицаец во цивил, Лазар Бачиќ, е удрен од припадник на жандармеријата.
Поради блокираните влезови, вработените во РТС влегуваа во зградата преку прозорците на приземјето и преку подрумот, откако претходно беа исечени решетките. Но некои воопшто не влегоа, туку им се придружија на студентите и граѓаните пред зградата.
-Ние сме вработени во РТС и тука сме да ја браниме честа и угледот на нашата куќа и нашата професија. Од првиот ден ги поддржуваме студентите во нивните барања. Ги покануваме сите наши колеги да ни се придружат овде. Ако мораа да влезат преку скали и тајни премини, нека дојдат овде кај нас и барем нека излезат како луѓе, им порача новинарка на РТС на колегите, на што студентите и граѓаните кои ја блокираа зградата одговорија со извици „излезете надвор“ и „исполнете ги барањата“.
Вчера според сведоштва на пратеници ситуацијата не била пријатна ниту во српското собрание. Претседателот на Народното движење на Србија, Мирослав Алексиќ, за Нова.рс изјави дека во зградата на парламентот има невиден број лица од обезбедувањето.
-Никогаш не сум видел толкаво обезбедување во Собранието. Штом ќе влезете, ве пречекува кордон полицајци, дури се распоредени пред тоалетите. Утрово ме принудија да ги соблечам сакото, блејзерот, дури и ременот, како да сме на аеродром, изјави Алексиќ.
За в сабота, 15 март студентите во блокада најавија голем протест, а Вучиќ вчера изјави дека очекува тој ден опозицијата да организира големо насилство.
-Секој кој ќе учествува во ова ќе биде уапсен. Можеби ќе ни требаат 15 минути, можеби еден час, можеби два. Така што државата ќе умее да се однесува како држава и тука нема филозофија, а ние само ќе ги повикаме да бидат мирни, да не се обидуваат со насилство, но јас ги знам и, за жал, секогаш сум бил во право до сега, рече тој.
Во екот на студентските протести пред РТС во Белград, кои, како што е најавено, ќе траат 22 часа, Вучиќ го прими Доналд Трамп Помладиот, син на американскиот претседател. Тој му го покажа Белград од терасата на зградата на Претседателството и рече дека е среќен што Трамп Помладиот можел да ја осети енергијата на главниот град. Семејството Трамп-Кушнер планира да изгради хотел во Србија под брендот „Трамп“, на местото на зградата на Генералштабот, која е оштетена од НАТО бомбардирањето. Доналд Трамп Помладиот е претприемач и извршен потпретседател во Организацијата „Трамп“.