Отстапување од стандардите за известување од погребни и слични церемонии имаше во помал дел од македонските медиуми додека не мал број на странските медиуми сепак ги прекршија стандардите објавувајќи снимки и фотографии кои претставуваа грубо нарушување на приватноста на граѓани скршени од болката. Екипи на весникот ВЕЧЕР од првиот ден се на местото на настанот за професионално да известуваат, беа сведоци на многу траорни сцени, но и покрај се цврсто се држеа до етичките принципи кои налагаат почтитување на туѓата болка и тага. |
Расплакани мајки и сестри над отворените мртовечки сандаци скршени од болка како за последен пат ги гушнуваат своите најмили, бројни роднини покрај десетици наредени сандаци подготвени за закопување во ископаните гробници, лица со болки и тага… беа само дел од мотивите во фотографиите и снимките од масовниот погреб во Кочани кои предизвикаа бројни реакции во јавноста. „Ова е неморално, неприфатливо, продавање на нивната болка за кликови, нанесување на новата болка која нема никакво оправдување во јавниот интерес…“ беа само дел од коментарите кои завчера ги проследуваа вака објавените снимки и фотографии од простувањето со десетици жртви. Практично, се случи грубо нарушување на етичките стандарди при информирањето кои треба да се применуваат кога се работи за трауматични ситуации каква што беше кочанската трагедија во ноќниот клуб „Пулс“ каде загинаа 59 лица, а околу 200 се повредени. За среќа, ваквото грубо прекршување на новинарските стандарди не беше правено масовно, но сепак имаше и такви медиуми. Таквото отстапување од стандардите за известување од погребни и слични церемонии имаше во помал дел од македонските медиуми додека значително поголемиот дел ги запазуваше предвидените принципи. Но, не мал број на странските медиуми сепак ги прекршија стандардите објавувајќи снимки и фотографии кои претставуваа грубо нарушување на приватноста на граѓани скршени од болката за загубата на најблиските. Тоа веднаш предизвикуваше и реакции на граѓаните.
-Како можевте да ја снимате и да ја ставате туѓата тага на Фејсбук. Вистински лешинари сте, засрамете се… Зошто снимате… Блиските од семејствата бараа да имаат приватност и да се простат од своите деца, но вие саката читаност… Моравте да ја испочитувате нивната желба. Престанете да ја нарушувате приватноста, имате ли и вие деца…, беа само дел од коментарите кои се објавуваа под содржините на ваквите медиуми од Србија, Хрватска….
Комуникологот Сеад Џигал смета при информирањето имало и медиуми кои драстично ги кршеле етичките стандарди.
-Добар дел од домашните медиуми професионално и етички информираа за овај тажен настан. За жал, сепак, имаше бројни медиуми кои истите настани ги покрија таблоидно и ја искористија трагедијата за привлекување внимание и експлоатација на емоциите на публиката. Веројатно најдрастичното кршење беше пренесување на погребната церемонија во живо преку стрим на странски онлајн медиум. Дополнително, дел од домашните медиуми неселективно пренесуваа изјави и видео материјали на сведоците и членови на ужалените семејства и пријатели, прикажувајќи потресни сцени и сведоштва, што навистина е за силна осуда – вели Џигал за весникот ВЕЧЕР.
И Катарина Синадиновска, поранешна претседателка на Советот за етика на ЗНМ, смеат дека имало грубо кршење на новинарски стандарди.
– За жал, во текот на известувањето за погребната церемонија во Кочани имавме еклатантни примери на најгрубо кршење на елементарните новинарски стандарди, пропишани не само во македонскиот Етички кодекс, туку и во сите светски кодекси. Никаква почит за болката на семејствата, сензационалистички пристап во фотографирањето и снимањето – или како што кажаа колегите од ЕФН од Брисел – еден воајеризам скриен зад наводната загриженост за јавен интерес – потенцира Синадиновска во изјавата за ВЕЧЕР.
Таквите медиуми, практично, останаа глуви за апелите од новинарските здруженија, но и од Владата со цел да не се нанесува дополнителна болка на роднините. Македонското здружение на новинари и новинарски синдикат реагираа уште во текот на вчерашниот ден.
-Несоодветен воајеризам не е новинарство. Ја повторуваме Европската федерација на новинари (ЕФЈ) во повикување на сите медиумски професионалци, особено странските дописници, да ја почитуваат приватноста и достоинството. Не пренесувајте погреби во живо. Не користете експлицитни и неприфатливи фотографии. Ова е јасно кршење на етичкото новинарство – не служи на јавниот интерес, туку само ја продлабочува болката на засегнатите – наведе ЗНМ во реакцијата во која беа апострофирани конкретни медиуми како Телеграф, Јутарњи, Курир, Блиц, Crux, El Mundo, CNN News18…
Претходно, на социјалните мрежи се појави и апелот од граѓаните на Кочани
Почитувани медиуми, портали, сите што известувате за оваа трагедија,
-Размислувате ли пред да објавите? Ги гледате ли насловите што ги пишувате? Дали сте свесни дека овие имиња што ги објавувате не се само бројки.Тоа беа нечии деца. Нечии браќа, сестри, родители. Овој град е мал. Секој од нас загуби некого. И секој од нас ќе живее со оваа болка засекогаш. Дали сметате дека треба да се споделуваат моменти кога татко се урива на колена, викајќи од болка? Кога мајка, која девет месеци носела живот во себе, го доела, го чувала од секое зло сега стои скршена, без надеж, без сила, без своето дете. Дали навистина ова ви изгледа како нормална објава? Дали е вредно за кликови и лајкови? – се потенцираше во обраќањето.
Според комуникологот Џигал известувањето од вакви настани треба да се сведе на основни информации за настанот и за неговиот релевантен контекст.
-Тоа без да се навлегува во приватноста на засегнатите семејства со цел да се зачува нивната приватност и достоинство, да се покаже емпатија и хуманост кон нивното страдање и тага. Дополнително, можат да се пренесат технички и други информации околу организацијата на настанот, дали одговорните институции и служби ги исполниле своите задолженија и обврски и слично. Секако, да не се прикажуваат сцени и снимки на нивното страдање, емоции, реакции, да не се ставаат под притисок да даваат изјави, да се прикажуваат други детали кои би ги нарушиле нивното достоинство и право на приватно и достоинствено збогување со своите блиски – потенцира Џигал.
Завчера Независното задружение на новинари на Србија и српското Министерство за информирање испрати јавна опомена до дел од медиумите и побара „да се тргнат фотографии и снимки со кои се нарушува достоинството на жртвите и на семејствата“
-Со таква постапка бројни медиуми го нарушија достоинствто на жртвите и предизвикаа вознемирување на нивните роднини и целата јавност. Со тоа демонстрираа недостиг на свеста за потребата за почитување на елементарни професионални стандарди – потенцираа оттаму потсетувајќи дека Кодексот на српските новинари „забранува известување од погребите на приватни лица“.
Според комуникологот Џигал нема никакво оправдување за пласирање на таквите медиумски содржини.
-Се работи за медиумска експлоатација од таблоиден тип, со која неетички се привлекува внимание, се драматизира човековата болка и страдање, се кршат моралните и професионалните правила и кодекси, како и грижата за човековото достоинство и приватност, сѐ со цел да се предизвика медиумска драматизација и шокирање на јавноста. Силните емоции се злоупотребуваат за медиумско профитирање во вид на гледаност, кликови, реакции, и сл. Ова во никој случај не може да биде оправдано и треба да се осуди. Злоупотребата на човечките трагедии ја подрива довербата во медиумите, но и во нашата хуманост и емпатија како општество – потенцира овој експерт.
И Синадиновска наведува дека ако некој медиум има проблем со правилата за етичко известување може да реагира.
-Ако некој колега или медиум имал проблем со содржината на протоколот, можел да реагира до ЗНМ или ССНМ, може да реагира и денеска и утре, да бара дури и одговорност од колегите кои го изготвувале, но кога веќе има донесен Протокол, фер е тој да се почитува, особено кога веќе сме среде крици за почитување на ред и правила и критики дека државата ни е дотука токму од безредие – вели таа. (Б.Ѓ.)
Синадиновска: Надвор од ум е да се дебатира дали е оправдано да се собираат гледачи и читатели со ужасни слики
Експертот Катарина Синадиновска смета дека целта на ваквото неетичко информирање освен – што поголема читаност/гледаност е и за повеќе пари.
-Надвор од ум е дури и да се дебатира дали е оправдано да се собираат гледачи и читатели при една ваква трагедија со ужасни слики, со спектакуларни наслови од типот „гледајте како липта“, „овде ќе го видите најтажниот момент“, „за овој човек веќе нема живот“, „ваква судбина не сте виделе“ и слично. Притоа, да не се разбереме погрешно, оти имаше и повици медиумите воопшто да ги нема таму – тие имаа обврска да бидат на местото на настанот и да информираат, согласно сопствените слободни уредувачки политики, но со максимално почитување на стандардите, а без да дозволат Владата или здруженијата да им ги диктираат содржините. Апсолутна лага е дека не може едното со другото заедно, односно дека ако ги почитувале стандардите немало да имаат слобода да критикуваат или да ја пренесат целата слика – потенцираа Синадиновска.