Нови тоалети за учениците од прво одделение и адаптација на просторија за кујна

57

Општина Илинден  реализира повеќе активности во насока на подобрување на условите во општинското училиште „Ристо Крле“ во Кадино.

Како што посочи директорот на училиштето, Јовче Петковски, во тек е изградба на нови тоалети за учениците од прво одделение и адаптација на просторија за кујна, со цел воведување на продолжен престој, се врши партерно уредување на училишниот двор во подрачното училиште во Мралино, на површина од 780 квадратни метри, како и паркинг за вработените.

Исто така, обезбедена е опрема со три фотокопири за централното и подрачните училишта, а наставниот процес е подобрен со нови нагледни средства и тоа за учениците од прво до петто одделение во подрачното училиште во Бунарџик. Воедно, обезбеден е нов училишен мебел во централното училиште со училишни клупи, столчиња, како  и клупи за ходниците и пулт за информации, како и училишни паноа во кабинетите.

Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, го посети ООУ „Ристо Крле“ во Кадино и истакна дека локалната самоуправа континуирано работи на обезбедување услови за образованието и успешно реализирање и подобрување на воспитно образовниот процес во сите училишта на нејзина територија.

-Инвестициите во образованието се од огромно значење за иднината на една општина, па затоа реконструкцијата и модернизацијата на општинските училишта е еден од приоритетите во работењето – заклучи Георгиевски.

ООУ „Ристо Крле“ е изградено пред 45 години, а заедно со подрачните објекти во населените места Мралино и Бунарџик учат вкупно 320 ученици, така што локалната самоуправа и понатаму ќе работи за подобрување на условите за работа и воспитно образовниот процес.