Изборот на новите лица кои немаат големо политичко искуство и искуство во водењето на партијата секогаш носи ризик но промените беа неопходни. Додека аналитичарите укажуваат на ризикот промените да не донесат партиска консолидација, поранешните видни партиски функционери одбегнуваат јавно да коментираат за изборот на нови кадри на кои новиот лидер им го доверува водењето на најголемата опозициска партија. Анонимно, пак, екс-функционерите укажуваат дека стравуваат оти промените нема да донесат успех, но и дека ќе биде потребно подолго време. Прв со реакција се јави екс-скопскиот градоначалник Петре Шилегов. Во објавата на социјална мрежа Фејсбук, тој не го криеше своето незадоволство од новото раководство откако преку песната „Во бестрага“, односно „Дали кракот вака мириса“ реши да ѝ честита на партијата за новите кадри кои ги избрала. |
Времето ќе покаже дали новите кадровски промени што ги прави Венко Филипче во највисокото партиско раководство ќе донесат посакуваниот резултат. Изборот на новите лица кои немаат големо политичко искуство и искуство во водењето на партијата секогаш носи ризик, но промените беа неопходни. Додека аналитичарите укажуваат на ризикот промените да не донесат партиска консолидација, поранешните видни партиски функционери одбегнуваат јавно да коментираат за изборот на нови кадри на кои новиот лидер им го доверува водењето на најголемата опозициска партија. Анонимно, пак, екс-функционерите укажуваат дека стравуваат оти промените нема да донесат успех, но и дека ќе биде потребно подолго време. Само поранешниот скопски градоначалник Петре Шилегов, од редовите на СДСМ на социјалните мрежи објави ироничен коментар со кој го покажа своето незадоволство од новите лица во партијата во која беше уште и портпарол и пратеник.
До вакви реакции доаѓа откако новиот Централен одбор на СДСМ, на својата прва седница, одржана вчеравечер, избра четворица нови потпретседатели на партијата. За потпретседатели на СДСМ се избрани поранешната министерка за животна средина, Каја Шукова, универзитетска професорка од Правниот факултет, Ана Чупевска, Кристина Костова од општинската организација на СДСМ во Штип, и Менде Илиевски од општинската организација на СДСМ во Битола. Избрани се и двајца организациски секретари – поранешниот пратеник од Куманово, Мартин Костовски и Љупчо Фармаковски од организацијата во Центар. ЦО уште реши Александар Димитриевиќ, кој доаѓа од општинската партиска организација во Гази Баба, да биде новиот партиски генерален секретар, позицијата што порано ја имаше Миле Зечевиќ. Претходно, на конгресот, Фани Каранфилова-Пановска беше избрана за нова заменик-претседателка на СДСМ.
-Новите лица во раководството се луѓе со силен личен интегритет и знаење и искуство во своите области. Оваа енергија и атмосфера што ја имавме е доказ дека консолидација не само што е започната туку и одлично се одвива на сите нивоа во партијата, рече Филипче.
Тој најави дека новото раководство веднаш почнува со работа и ќе се има посети и средби по сите општински организации.
Прв со реакција се јави екс-скопскиот градоначалник Петре Шилегов. Во објавата на социјална мрежа Фејсбук, тој не го криеше своето незадоволство од новото раководство откако преку песната „Во бестрага“, односно „Дали кракот вака мириса“ реши да ѝ честита на партијата за новите кадри кои ги избрала.
– Помисли на тоа што сè можеме… Можеби е доцна, а може не. Дали крајот вака мириса? Ние двајцата сме за… во бестрага, гласи рефренот на песната во изведба на Игор Џамбазов и групата „Нокаут“.
Шилегов денеска не сакаше да каже нешто повеќе околу причините за своето незадоволство.
– Тоа што имав го кажав и не би сакал нешто повеќе да коментирам во медиумите, изјави Шилегов за весникот ВЕЧЕР.
Друг поранешен социјалдемократски функционер, кој беше градоначалник во еден од градовите во внатрешноста на Македонија и сакаше да остане анонимен, исто така, е незадоволен.
– Едни те исти луѓе прават комбинаторики. Јас сум разочаран не само од изборот туку и од тоа што партијата повеќе личи на десничарска отколку на социјалдемократска. Отворена е голема дупка за која не знам дали ќе може да се затвори со ваква шминка, ни рече тој.
Друг поранешен функционер, кој, исто така, сакаше да биде анонимен, ни рече дека е разочаран од составот на Централниот одбор.
-Таму има ликови кои не би требало да се во тоа тело. Од друга страна, донекаде сум пријатно изненаден од најтесното раководство. Тоа се млади луѓе на кои им треба време за да се докажат, рече тој за ВЕЧЕР.
Јанаке Витановски, поранешен член на ДИК и на Комисијата за лустрација предлаган од СДСМ, ни рече дека ќе треба време.
-Ова е прв чекор и ова е голем рез во Партијата со нови лица кои верувам дека ја сакаат партијата и социјалдемикратијата, и се свесни за одговорноста што ја преземаат. Ги чека голема работа за да ја вратат довербата кај граѓаните. Треба многу работа чесно, без ароганција и што поблизу отворено средби со граѓаните. И сите поранешни кои не се во органите и телата а се социјал-демократи и ја сакаат партијата, треба да ѝ помогнат на партијата, а да не водат полемики преку социјалните мрежи. Се надевам дека со многу труд и работа новите лица ќе ја оправдаат довербата. Ќе покажи времето, но сепак ни треба сплотеност а не делби во партијата, рече Витановски за ВЕЧЕР.
И аналитичарите, пак, укажуваат дека ќе биде тешко да се испорача посакуваниот резултат.
-Секој нов лидер се амбицира да создаде победнички тим, и тоа е нормално. Но, според мене, проблемот е што иако лидерите имаат право сами да состават тим, искуството покажа дека тимовите се производ на договори, компромиси, надворешни сугестии итн. Тоа многу се гледа во новиот тим на лидерот на СДСМ, Филипче. Сметам дека е прашање колку заменик-претседателката е вистинската личност со која СДСМ може да го претстави своето ново лице. Луѓето од СОРОС немаат кредибилитет во нашето општество. Другите од раководството не ги познавам, што е пак показател сам по себе, колку тие можат да повлечат ако не се познати во пошироката јавност. Луѓе на такви позиции треба да бидат познати по нешто добро во јавноста за да можат да мобилизираат следбеници. Мислам дека на претседателот на СДСМ ќе му биде тешко да испорача резултати во такви околности и исто така мислам дека некои од врвните луѓе нема да добијат преодна оценка ниту кај самото членство на партијата бидејќи впечатокот е дека ги зазеле позициите само заради личен па дури и финансиски интерес, наведува за весникот ВЕЧЕР, Соња Крамарска, политички аналитичар.
Таа смета дека Филипче лично добро се држи како лидер и одлично ги детектира слабостите на власта и ги артикулира во јавноста.
-Ми се допаѓа што сака да биде конструктивен за важни државни прашања како, на пример, за уставните измени за кои рече дека ќе дадат поддршка за сè што ќе договори Владата, но тимот околу него ќе му биде голема слабост во иднина, нагласува Крамарска. (Б.Ѓ.)
ВМРО-ДПМНЕ: Кадрите се продолжена рака на Заев
Венко Филипче уште еднаш покажа дека не може сам да стои на свои нозе во политиката и избра кадри кои се продолжена рака на Зоран Заев, се вели во писмената реакција на владејачката ВМРО-ДПМНЕ по кадровските одлуки кои се донесени во СДСМ.
Од владеачката партија велат дека свежина и промени не се ни на повидок, а наводните промени не се ништо друго освен продолжување на политиката на Заев.
-По изборот на Централниот одбор во кој има само поранешни функционери на СДС од времето на Заев, како и заменик-претседателката Фани Каранфилова-Пановска која се бореше со сите сили да го устоличи Заев за премиер и со изборот на потпретседателите, како и генералниот секретар, така и двајцата организациски секретари докажа дека нема ништо ново освен стари излитени кадри. Потпретседателите се само продолжена рака на Заев кои во негово време беа стоти ешалон сега му ги нуди на Филипче за во прв. Поранешната министерка за животна средина е потрчко на Заев. Ана Чупеска-Станишева, професорка на Правниот факултет во Скопје ‘Јустинијан Први’, е позната во јавноста по налудничавата идеја стотина македонски новинари да завршат в затвор. Кристина Костова, која како печат од своето делување ја има само Шарената револуција, се вели во соопштението на владејачката партија.
Од СДСМ, пак, на ова одговорија дека oбидите на ВМРО-ДПМНЕ да ги прикаже новите кадри на СДСМ како „стари и потрошени“ се ништо друго освен јалов напад.
-Тој го одразува нивниот страв од вистинските промени што се случуваат во СДСМ. Со ваквата реторика, владејачката партија уште еднаш покажува дека е неспособна да понуди решенија за проблемите на граѓаните, па се фокусира на празни и безсодржајни критики кон опозицијата, наведуваат од оваа партија.