Општина Кисела Вода обезбеди нови креветчиња за јаслите во сите градинки на нејзината територија. Воедно, обезбедени се и нови постелнини и јоргани.
– Оваа година, како и сите претходни во мојот мандат, ја започнуваме со огромен фокус во обезбедување на поквалитетни услови за развој на нашите најмлади жители. Инвестираме во унапредувањето на условите во постојните градинки, но работиме и на изградба на нови, бидејќи раниот детски развој е исклучително важен за нас како локална самоуправа – истакна градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.
Тој наведе дека се набавени и нови материјали за работа на дечињата кои ги посетуваат градинките, што ќе обезбедат подобра игра и развој на најмладите.
-Интервениравме и во делот на обнова на кујните со набавка на нова и современа кујнска опрема, како и нови машини за перење и сушење – информираше Ѓорѓиевски.
Градоначалникот додаде дека за заложбите на општината за заштита на здравјето на идните генерации и создавањето здрави еколошки навики, говори и опремувањето со пречистувачи на воздух, кои значително ќе помогнат во намалувањето на штетните честички во просториите каде што децата го поминуваат поголемиот дел од денот.
-Секое дете заслужува право на квалитетно предучилишно образование и тоа е наша обврска, но и силна желба да го овозможиме – заклучи Ѓорѓиевски.
(А.П.)