Нови краткотрајни интензивни врнежи од дожд – внимателно движење покрај реките и суводолиците

Од локалната самоуправа на Тетово, со помош на механизација, се отстранети дрвјата од речното корито на Пена и е надмината опасноста од излевање на водата од речното корито кај селото Сараќино, велат од ЦУК. Исто така, од дрвја, гранки и од друга вегетација е исчистено и коритото на Маркова Река, која минатата недела се излеа и поплави објекти, куќи и ниви во селото Батинци, Скопско. Од мостот кај влезот во Драчево, се забележува дека некои од исечените стебла во коритото на Маркова Река се со дијаметар од 10 до 15 сантиметри, што кажува дека не се чистело коритото на реката со години и дека се дозволило да пораснат дрвјата и да го попречат движењето на надојдените води. Но, сè уште постојат ризици од поплави со оглед на тоа што синоптичарите најавуваат голема промена на времето, со локална појава на краткотрајни интензивни врнежи од дожд, при што на одредени делови кај малите сливови и суводолиците, локално е можен брз прираст на водостоите. Од УХМР предупредуваат за внимателно движење покрај помалите реки и суводолиците

60

Нанесените дрвја што го попречуваа текот на реката Пена се отстранети и е надмината опасноста од излевање на водата од речното корито кај селото Сараќино, информираа од Центарот за управување со кризи.

– Како резултат на обилните врнежи од дожд, уште на 28.3.2024 година е добиена пријава за попречени, нанесени, дрвја во речното корито на реката Пена, во атарот на с. Сараќино, Општина Тетово. Поради надојдената вода во реката Пена, нанесените дрвја претставуваа природна препрека за нормалното течење на водата во речното корито и на одредени места се случуваше заезерување во речното корито и имаше потенцијална опасност да се излее реката надвор од речното корито, а со тоа и да дојде до поплавување на куќите и на земјоделското земјиште во атарот с. Сараќино, Општина Тетово – велат од ЦУК.

По писменото известување од Секторот за операции и координација на ЦУК до општините Тетово и Желино, како и до ЈКП „Тетово“, АД „Водостопанство“, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Дирекцијата за заштита и спасување, преземени се мерки и активности за отстранување на попречените дрвја во речното корито.

– Од локалната самоуправа на Тетово, со помош на механизација, попречените дрвја се отстранети од речното корито на Пена и е надмината опасноста од излевање на водата од речното корито кај селото Сараќино – велат од ЦУК.

Исто така, од дрвја, гранки и друга вегетација е исчистено и коритото на Маркова Река, која минатата недела се излеа и поплави објекти, куќи и ниви во селото Батинци, Скопско. Од мостот кај влезот во Драчево, се забележува дека некои од исечените стебла во коритото на Маркова Река се со дијаметар од 10 до 15 сантиметри, што кажува дека не се чистело коритото на реката со години и дека се дозволило да пораснат дрвјата и да го попречат движењето на надојдените води.

Но, сè уште постојат ризици од поплави, со оглед на тоа што синоптичарите најавуваат голема промена на времето и продор од Сибир на многу ладен бран. Метеопрогнозерот Славчо Попоски вели дека циклонот ќе услови пообилни врнежи од снег, кои, освен на повисоките населени места и на планините, како и во скијачките центри, ќе ги има и во повеќето пониски места (градови).

– На планините  и во скијачките центри ќе се формира снежна покривка од 10 до 20 сантиметри, во делови од овие места таа ќе биде дури и повеќе од 30 см. Што се однесува до градовите, снежната покривка, особено во западната половина од нашата Република Македонија, ќе биде со висина од 5 до 10 сантиметри, а во делови од градовите таа би можела да биде и малку поголема. Во другите делови од Македонија, снежната покривка ќе биде многу мала, а во Повардарјето и во југоисточните предели речиси и ќе ја нема – прогнозира Попоски.

И од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) прогнозираат слично време, дека се очекува локална појава на краткотрајни интензивни врнежи од дожд, при што во одредени делови од малите сливови и од суводолиците локално е можен брз прираст на водостоите. Од УХМР предупредуваат за внимателно движење покрај помалите реки и суводолиците.

– Денес ќе биде променливо облачно и студено, а наместа повремено ќе провејува слаб снег. Ќе дува засилен северен ветер. Потоа времето ќе биде стабилно и ветровито, со утрински температури кои насекаде ќе бидат негативни, а дневните ќе бидат во пораст – велат од УХМР.

(С.Бл.)

ИЗДВОЕНИ