Во рамките на проектот COLOURS, деновиве, во францускиот град Ле Ман, се одржува симпозиум посветен на развој на водородот како реагенс на иднината, под наслов „ Hydrogen CoLab “.
Деновиве, Борче Димитровски, секретар на Општина Битола; Митко Костов, декан на Техничкиот факултет од Битола и Христијан Делов, студент од четврта година на Техничкиот факултет, на студиската програма Електроенергетски системи и обновливи извори, кои ја сочинуваа битолската делегација, присуствуваа на дводневните активности, со свои презентации и видувања.
Секретарот Борче Димитровски говореше на шанелот А – Политичко видување: презентација на стратегиите за декарбонизациска мобилност и производство на водород, на тема „Развојот на Битолскиот Регион низ енергетскиот процес – дали водородот може да биде наша енергетска иднина?“
Делегацијата од Битола имаше можност да се запознае со врвните технолошки остварувања за примена на водородот во индустријата, автомобилизмот и во другите дејности.
Секретарот Димитровски оствари значајни средби со претставниците од енергетскиот сектор на Франција и на другите земји учеснички во проектот.