Вишиот суд во Заечар им го продолжи притворот за нови 30 дена на Дејан Драгијевиќ и Срѓан Јанковиќ, кои се осомничени за убиството на двегодишното девојче Данка Илиќ од Бор. Нивните адвокати побарале укинување на притворот, но судот ги одбил.
Од истиот суд се очекува повторно да донесе одлука за обвинението против Драгијевиќ и Јанковиќ, откако судот во Ниш пред еден месец го укина решението со кое се потврдува обвинението и го врати кај првостепениот суд на повторно одлучување.
Данка Илиќ исчезна на 26 март минатата година од семејниот имот во Бањско Поле, а по 10 дена потрага по неа Драгијевиќ и Јанковиќ се уапсени под сомнение дека ја убиле, иако нејзиното тело не е пронајдено.
Радослав Драгијевиќ, таткото на Дејан, е осомничен дека му помогнал на синот да го премести телото на девојчето. И братот на Дејан, Далибор беше осомничен за помагање, но почина при распит во полициска станица, а обдукцијата откри дека бил претепан. Паралелно со истрагата за убиството на Данка, се води истрага и за претепувањето на Далибор Драгијевиќ, за чија смрт сè уште нема осомничени.