EPA-EFE/MOHAMMED BADRA

Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ се пласираше во второто коло на Ролан Гарос откако без поголеми проблеми го совлада Пјер-Иго Ербер (6:4, 7:6, 6:4).

Францускиот тенисер уживаше во поддршката на навивачите од трибините, а во еден момент поединци на трибините почнаа да ги слават грешките на Ѓоковиќ, но и нешто повеќе.

Во последниот гем од мечот, кога Ѓоковиќ со „брејк“ се обидуваше да победи против Ербер, одредени луѓе од публиката на стадионот „Филип Шатрије“ го исвиркаа Србинот кога тој падна на земја. Во обид да стигне до топка, Новак се лизна и заврши на земја, а кога отиде да се исчисти доби свирежи.

На публиката ѝ пречеше тоа што Ѓоковиќ направи пауза од десетина секунди за да се увери дека е добро и со крпа ја бришеше нечистотијата од колената и маицата.

Секако, потоа Ѓоковиќ сфати со кого си има работа и многу брзо го направи посакуваниот брејк чекајќи ја двојната сервис грешка на Ербер. Така стигна до победа над локалниот тенисер.

  • Беше неверојатно. Играв против Француз, нормално беше што публиката беше на негова страна. Големо е задоволството да се вратам овде. Овој терен е посебен за мојата кариера. Многу големи битки, минатата година го освоив трофејот. Тоа беше најголемиот предизвик во мојата кариера. Планина на која треба да се искачам. Големо благодарам за целиот амбиент, истакна Ѓоковиќ.

Новак во второто коло на Ролан Гарос ќе игра против Пабло Карбалес Баена од Шпанија, кој беше подобар и од локалниот тенисер Константин Лестиен, а тој меч е закажан за утре.