Нова студија: Сите ќе бидеме за 40 проценти посиромашни поради глобалното затоплување, поплавите и сушите

39

Економските модели систематски потценувале колку глобалното затоплување ќе влијае на богатството на луѓето, покажува една нова студија на австралиски научници. Најновото истражување покажа дека просечниот човек ќе биде за 40 проценти посиромашен во свет кој се загрева за 4 Целзиусови степени, што е речиси четирипати повеќе отколку што сугерираа претходните процени, пишува „Гардијан“.

Студијата наведува дека глобалниот БДП по глава на жител ќе се намали за 16 проценти, дури и ако затоплувањето е ограничено на два степена над прединдустриските нивоа. Тоа е значително повеќе од претходните процени, кои зборуваа за пад на БДП, од околу 1,4 отсто. Дури и ако владите низ светот ги исполнат своите краткорочни и долгорочни климатски цели, научниците сега проценуваат дека глобалната температура ќе се зголеми за 2,1 Целзиусови степени. „Гардијан“ наведува дека со години сè повеќе се критикувани економските алатки познати како Интегрирани модели за процена (ИАМ), кои се користат за да се види колку владите треба да инвестираат во намалување на емисиите на стакленички гасови. Се смета дека во досегашните истражувања потценета била можноста екстремните временски настани да влијаат на прекинување на синџирот на снабдување.

Студијата, објавена во списанието „Енвајроментал рисрч летерс“ еден од најкористените економски модели го подобри со климатски прогнози за да го долови влијанието на екстремните временски настани врз глобалните синџири на снабдување. Водачот на студијата, Д-р Тимоти Нил од Универзитетот во Нов Јужен Велс, рече дека истражувачите го анализирале веројатното влијание на глобалното затоплување од четири степени, што многу експерти за клима го сметаат за катастрофално за планетата. На тој начин било откриено дека просечниот човек во такво сценарио би бил 40 проценти посиромашен. Претходниот, неподобрен економски модел покажал дека при такво затоплување светското население би осиромашило за само 11 проценти.

Професорот Енди Питман, климатолог на истиот универзитет и коавтор на истражувањето вели дека не се работи за просечните температури, туку клучот се екстремите, пренесе Н1. Некои економисти тврдат дека загубите предизвикани од затоплувањето би можеле делумно да се ублажат во постудените региони како што се Канада, Русија и северна Европа. Но, Нил вели дека глобалното затоплување ќе влијае на сите земји, бидејќи економиите во светот се меѓусебно поврзани преку трговијата.

 

 

ИЗДВОЕНИ