Граѓаните и професионалните корисници од вчера можат преку новата апликација на Агенцијата за катастар на недвижности брзо и едноставно и по електронски пат да го следат статусот на своите предмети. Од Агенцијата појаснуваат дека статусот ќе биде достапен во реално време и не повеќе од 1 час по поднесување на барањето.

– Ги анализиравме проблемите на корисниците и се обврзавме да создадеме решение кое не само што ќе ги надмине овие предизвици, туку и ќе нè поттикне напред во дигиталните иновации – истакна директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Иван Живковски.

Тој додаде дека граѓаните остануваат главен приоритет, а дигитализацијата е високо на агендата на актуелното раководство. Станува збор за апликација која подолго време била нефункционална и надвор од употреба. Новата апликација е достапна преку веб-страницата на Агенцијата во делот „Увид во статус на предметот“.

За користење, потребно е да се внесе кодот од потврдата за прием на барањето, по што ќе се прикажат основните податоци за типот на барањето и неговиот моментален статус, со ажурирање во рок од најмногу 1 час.

– Ова е ново поглавје во нашата дигитална трансформација. Со оваа апликација не само што сме во чекор со технолошките трендови, туку го забрзуваме темпото кон целосна модернизација на институцијата. Ги охрабрувам сите заинтересирани да ја користат апликацијата и со внесување на кодот од потврдите за барањата да го проверат статусот на предметите – додаде директорот Живковски.

ИЗДВОЕНИ