Нова метеоролошка станица на браната „Лисиче“

18

Јавното претпријатие за водостопанство „Лисиче“ од Велес постави нова метеоролошка станица на браната „Лисиче“. Новиот систем за мониторинг ќе ги следи параметрите како: брзина и насока на ветрот, температура на воздухот, влажност на воздухот, мерење на врнежите, атмосферскиот притисок и на соларната радијација, информира Ване Маневски, директор на ЈПВ „Лисиче“.

Тој објасни дека новата метеоролошка станица ја заменила старата, која била по застарена технологија и не мерела некои параметри. Додаде дека податоците се складираат во базата на податоци од моментот на поставувањето на станицата, што овозможува долгогодишно следење и анализа на метеоролошките услови и трендови.

– Оваа метеоролошка станица ќе ги обезбеди сите потребни податоци за следење на метеоролошките услови, што е клучно за ефикасно и безбедно управување со браната – потенцира тој.

За набавка на оваа најсовремена метеоролошка станица, ЈПВ „Лисиче“ издвоило од сопствени средства 224.200 денари, со ДДВ. Браната и езерото се дел од ХС „Лисиче“ од која се снабдуваат жителите на Велес и на околните населени места со квалитетна вода за пиење.

 

ИЗДВОЕНИ