EPA-EFE/ERIK S. LESSER

Српскиот кошаркарски центар, Никола Јокиќ, одигра уште една брилијантна партија и му донесе победа на Денвер над Минесота со 112:97 за водство од 3-2 во полуфиналето на Западната конференција. Актуелниот шампион во НБА лигата имаше 0-2 од првите натпревари на домашен терен, а потоа врза две победи на гости, за потоа со нов триумф дома да дојдат до целосен пресврт во серијата која се игра до четири победи.

Со брилијантна партија во која забележа 40 поени, 13 асистенции, седум скока, без ниту една грешка, практично Јокиќ сам ја победи Минесота. Пред мечот тој ја доби и наградата за најдобар играч на сезоната (МВП).

  • Тоа беше момент кој ќе го паметам цел живот. Ја почувствував љубовта на публиката, соиграчите и тренерите, а тоа е најважно, накратко го коментираше добивањето на највредното индивидуално признание во светот на кошарката.

Против најдобриот дефанзивец во лигата Руди Гобер постигна 40 поени.

  • Не ме чуваше само Гобер, тројца се менуваа на мене. Само се обидував да бидам агресивен и да ја читам нивната игра. Во тоа успеав вечерва, скромно изјави Јокиќ.

Во петтиот дуел момчето од Сомбор имаше две забивања и неколку неверојатни додавања одзади.

  • Јас сум чудо на природата! Зошто да не ги покажам своите неверојатни атлетски способности, изјави Јокиќ со шеговит тон.

По мечот Арон Гордон изјави дека Јокиќ е гениј, додека тренерот Мајк Мелоун е убеден дека Србинот е член на Менса, организација која вклучува луѓе со висок коефициент на интелигенција.

  • Тие претеруваат. Јас не сум ниту гениј, ниту член на Менса, додаде Јокиќ.

Шестиот натпревар меѓу Минесота и Денвер се игра во Минеаполис, меѓу четврток и петок, во 2:30 часот по полноќ.