Финансиската полиција поднесе нова кривична пријава против поранешниот директор на Државна лотарија, Перпарим Бајрами, кој е во бегство од минатата година. Според наводите во пријавата, тој склучил договор за изнајмување деловен простор по цена која е двојно повисока од реалната пазарна вредност. Дополнително, договорот не бил во согласност со критериумите од јавниот повик – изнајмениот објект бил со поголема површина од предвидената и не го вклучувал дворното место, што било задолжителен услов. Освен што просторот не одговарал на потребите на Државна лотарија, тој не бил ниту адаптиран за предвидената намена. Наместо тоа, Бајрами започнал постапка за јавна набавка во вредност од 1,3 милиони евра за реконструкција и реновирање, што претставувало дополнителен финансиски товар за државната компанија.И покрај тоа што закупениот простор не бил ставен во функција, Државна лотарија на компанијата „ХЕЈ ДООЕЛ Скопје“ ѝ исплатила повеќе од чеиристотини илјади евра, се наведува во пријавата.Основното јавно обвинителство Скопје потврди дека веќе постапува по пријавата.
„Со горенаведените дејствија, пријавениот П. Б предизвикал штета на буџетот на АД ДРЖАВНА ЛОТАРИЈА по основ склучен договор за закуп на деловни простории кои не биле користени согласно намената од склучениот договор во износ од 24.636.045 денари. Со оглед дека осомничениот сè уште е недостапен за органите на прогонот и по него е распишана национална и меѓународна потерница, ќе бидат преземени дополнителни мерки за собирање докази“, соопшти Обвинителството.
Министерството за внатрешни работи во декември минатата година распиша меѓународни потерници за поранешниот вицепремиер Артан Груби и директорот на Државна Лотарија Перпарим Бајрами кои се товарат за проневера на околу осум милиони евра од Државна лотарија.
Двете лица се недостапни за органите на прогонот.