Општина Карпош го реши горливиот проблем со фекалната канализација на жителите од Трнодол. На местото на постоечката собирна канализациска мрежа, избраната фирма – изведувач поставила нова, во должина од 27 метри, со поширок обем на цевки, со димензии Ф-250 милиметри. Исто така, изведени се и три нови шахти со нови капаци, а изнајдено е и најсоодветно решение за трасирање на патеката по која се одвива падот на фекалните води.
Ова е направено, бидејќи старата фекална канализација не била во можност да ги собере сите отпадни води, при што честопати доаѓало до затнување и прелевање на собирната цевка од целата населба, до приклучување на главната мрежа под населбата на улицата „Козле“.
Екипите од Секторот за уредување на градежно земјиште и комунални работи по дојава на граѓани од населбата Трнодол веднаш излегле на терен и направиле увид во состојбата. Како што објаснуваат од Општината, старите цевки биле обраснати со корења и затнати со различен отпаден материјал, кој граѓаните го фрлале низ канализациониот отвор (марамчиња, влошки, крпи и сл.), што било причина за затнување на цевките и трите собирни шахти.
Оваа куса канализациска мрежа во Трнодол како бајпас, Општина Карпош ја направила пред 13 години, бидејќи било лошо решението кое го имале претходно.
-Откако граѓаните се пожалија на прелевање на фекалиите, ние одлучивме да ја извршиме оваа реконструкција која навистина е сложена, бидејќи мора сè да се работи рачно. Би сакал да укажам на неодговорноста на некои граѓани коишто фрлаат материјали на кои не им е местото во канализационата мрежа. Оттука, сметам дека сите треба да придонесеме за инфраструктурата да функционира нормално, затоа што сите вакви интервенции ги трошат буџетските средства од Општината, односно од граѓаните – истакна градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски.
Овој комунален зафат, локалната самоуправа го реализираше со јавна набавка за брзи интервенции во фекалната канализација.
Општина Карпош апелира до граѓаните да не фрлаат отпад во канализационите отвори којшто не е биоразградлив, бидејќи во спротивно ќе биде предизвикан истиот проблем со кој тие се соочуваа до сега.