Границата меѓу двата града Гориција и Нова Горица создадени по Втората светска војна беше избришана во 2004 година, кога влезе Словенија во Европската Унија, а приказната за нивното повторно обединување ќе кулминира годинава, кога ќе блескаат како прв транснационален Европски град на културата. Активностите поврзани со Европската престолнина на културата во Нова Горица ќе започнат на 8 февруари. Програмата ќе се одвива под мотото „Без граници“

 

Два соседни града или некогаш еден град поделен со граница, Нова Горица во Словенија и Гориција во Италија, покрај Кемниц во Германија, се европските престолнини на културата за 2025 година. Интересен е фактот што среде Нова Горица, кој е најмладиот словенечки град изграден во современиот дух од 1948 година, на главниот плоштад минува државната граница. Така, можете да стоите со едната нога во Словенија, а со другата во Италија. Едното стапало да ви биде во стариот италијански град Гориција, а другото во младиот словенечки град Нова Горица.

Инаку, градот бил поделен кога Парискиот мировен договор утврдил нова граница помеѓу Југославија и Италија. Плоштадот, кој се наоѓа меѓу двата града, го делат приближно 30 километри до Јадранското Море, а 40 километри до Алпите. Тој плоштад се вика „Пјаца Трансалпина“ на италијански или „Трг Европа“ на словенечки.

Границата меѓу Гориција и Нова Горица создадени по Втората светска војна беше избришана во 2004 година, кога влезе Словенија во Европската Унија, а приказната за нивното повторно обединување ќе кулминира годинава, кога ќе блескаат како прв транснационален Европски град на културата.

Во Нова Горица во Словенија живеат околу 30 илјади луѓе. Опишана е како место што најмногу се карактеризира со зборовите „различност“ и „рози“, наведуваат локалните туристички водичи. Денес, Нова Горица е опкружена со зеленило и заедно со својата постара сестра, Гориција, формира уникатна комбинација на два града и на две култури, т.н. град без граници. Тоа е место, објаснуваат тие, каде што со векови се судирале и се спојувале различни култури, место на жестоки воени конфликти, но и место за средба на Алпите, Динаридите и на Медитеранот. Денес, Нова Горица и Гориција живеат во соживот, кој го делат само имагинарни линии.

Нова Горица

Некогаш, пишува Би-би-си, Нова Горица и Гориција беа едно, но беа создадени два града, разделени кога беа исцртани новите европски граници. Тамошните жители имаа два месеци да одлучат дали сакаат да бидат Југословени или Италијанци, пишува овој извор.

„Одлучено е Гориција да ѝ припадне на Италија, а помалку развиениот дел од градот да биде дел од словенечката република во состав на Југославија. Новиот град требаше да се вика Нова Горица и од тој момент Нова Горица и Гориција постојат како два града поделени на две држави“, вели изворот.

Со влезот на Словенија во Европската Унија, таа граница беше избришана и сега двата града повторно се обединуваат под називот Европска престолнина на културата 2025. Годинава се очекуваат од два до пет милиони туристи, кои ќе имаат што да видат. Словенечката страна може да се пофали со прекрасен железнички мост во блиската населба Солкан, од 1905 година, со најголемиот камен лак во светот. Мостот надвиснува над реката Соча. Тука се и Света Гора, и ридот Саботин, и црквата на Костањевица, во чија крипта се кријат посмртните останки на француски крал. Има и разни музејски збирки во музејот „Горишки“, но, можеби, најинтересна атракција во самиот град е веќе споменатиот европски плоштад. Се наоѓа веднаш на државната граница, пред железничката станица и е популарно место за секакви настани. Во репортажата на Би-би-си се наведува дека двата града не може да бидат поразлични – средновековната Гориција е полна со калдрма и во неа доминира замок. Нова Горица е модернистичка, намерно развиена. Но, од друга страна, на некои места е незабележливо дека сте ја „минале границата“. Секој зборува словенечки и италијански јазик, живее и работи во земјата што ја претпочита.

Гориција

На интересната историја на двата града укажуваат и двата многу посебни музеи. На италијанската страна се вика „Ласијапасаре“, а на 200 чекори се наоѓа словенечката верзија, Музејот на Меја. Секој од нив е сместен во поранешните царински експозитури, а нивните состави се надополнуваат. Идејата е посетителите да ги посетат двата и да дознаат како е да се живее покрај граница. Кај Костањевица, пак, има црква и манастир од 16 век, чија крипта крие многу необична приказна. Имено, има неколку мермерни ковчези, кои се последното почивалиште на францускиот крал Чарлс X (1757–1836) и на членовите на неговото семејство. Тој бил последниот бурбонски крал на Франција и единствен што бил погребан надвор од земјата со која владеел.

Активностите поврзани со Европската престолнина на културата во Нова Горица ќе започнат на 8 февруари. Програмата ќе се одвива под мотото „Без граници“. Во оваа рамка, градот има намера да расте заедно со соседниот италијански град, Гориција, и да стане Европска престолнина на културата без граници. Исто така, ќе биде можност да се истражи концептот на границите од различни димензии преку културни и уметнички средства.

Гориција

Одлична увертира на програмата за Европска престолнина на културата 2025 година беше бесплатниот концерт на панк и рок-иконата, Пети Смит, одржан во 2023 година, во Розна Долина/Каза Роса на граничниот премин меѓу Словенија и Италија, место што ги раздели двата света со години, а денес ги поврзува. Така, две години пред официјалното отворање на манифестацијата, свиреше уметник што ги руши сите граници во музичка, литературна и во општа уметничка смисла на зборот. Нова Горица и Гориција се поврзаа и со други градови во Италија, па во Удине е најавена изложба на најважните дела на италијанскиот уметник Микеланџело Пистолето, во „дијалог“ со делата на италијанските и на меѓународните уметници. Во Удине, на локацијата Вила Манин, ќе има концерти на Аланис Морисет и на Стинг, „Масив атак“ доаѓа во Гориција, а Роби Вилијамс во Трст.

Меѓу поважните настани е изложбата „ Andy Warhol. Beyond Borders“ во „Palazzo Attems Petzenstein“ во Гориција. Со 180 дела, изложбата ги следи уметничката кариера и животот на големиот американски уметник, почнувајќи од неговото искуство како илустратор во рекламирањето и модата, два света што длабоко влијаеле на неговите кариера и стратегии како поп-уметник. На програмата на ЕПК е и Филмскиот фестивал во Трст, како и танцови и театарски претстави, концерти на класична музика, архитектура и разни конференции.

Инаку, Скопје ќе ја носи титулата Eвропска престолнина на културата во 2028 година, заедно со францускиот град Бурж и со чешкиот Чешке Будејовице.

 

ИЗДВОЕНИ