НОВ УДАР ЗА ХЕЗБОЛАХ: Убиен уште еден командант, беше кандидат за наследник на Насрала

100
EPA-EFE/WAEL HAMZEH

Израелските одбранбени сили (ИДФ) денеска соопштија дека уште еден висок функционер на Хезболах, командантот Набил Каук, бил убиен во синоќешниот воздушен напад врз Бејрут. Каук бил убиен во напад на воен авион во познато упориште на Хезболах, според Тајмс оф Израел.

Набил Каук, во Либан се сметаше за еден од можните наследници на убиениот лидер на Хезболах, Хасан Насрала.

Тој беше командант на „превентивната безбедносна единица“ на Хезболах и висок член на Централниот совет на либанската група, се вели во соопштението на ИДФ.

Каук бил близок до раководството на Хезболах и бил „директно вклучен во организирање терористички напади против државата Израел и нејзините граѓани, вклучително и нападите во изминатите неколку дена“, се додава во соопштението на израелската војска.

Хезболах, која САД ја сметаат за терористичка организација, а нејзиното вооружено крило е ставено на црната листа на Европската унија, засега не ја коментира оваа информација.

Каук се приклучи на Хезболах кон крајот на 1980-тите и беше заменик, а подоцна и лидер на областа на јужниот дел на Либан во извршниот совет, а потоа и заменик-претседател на тој совет.