Mаж од Бор, кој деновиве контактирал со надлежните истражни органи, се очекува да фрли нова светлина врз случајот со малата Данка Илиќ, по чие тело се трага повеќе од три месеци, а за чие убиство се товарат двајца вработени во ЈП „Водовод“ од Бор.
Според српските медиуми, тој човек, кој ќе биде еден од тројцата нови сведоци што Обвинителството во Заечар ќе ги сослушува, рекол дека џогирал покрај депонијата токму во моментот кога осомничените таму го фрлиле телото на девојчето.
-Што точно видел, зошто дури сега се јави, ќе се знае в петок. Постои можност неговото сведочење да докаже дека навистина го фрлиле убиеното дете на ѓубриште, изјавил неименуван извор за српските медиуми.
Тој и уште двајца нови сведоци во Вишото јавно обвинителство во Заечар ќе бидат сослушани на 5 јуни, в петок.
-Станува збор за двајца соседи од Бањско Поле, од кои не се очекува ништо пресудно. Но, маж од Бор, кој е трет сведок, контактирал со надлежните и рекол дека џогирал точно во моментот кога осомничените биле на буништето и наводно го фрлиле телото, вели изворот.
Истрагата тапка во место откако С.Ј., едниот од двајцата осомничени за убиството на двегодишното девојче, кој се бранеше со молчење минатиот месец даде исказ пред обвинителот со кој целосно го негираше делото. Другиот осомничен, Д.Д. кој веднаш по апсењето го призна и во детали го опиша делото, сега сака да даде нов исказ, „за да се расветлат околностите и изнесените факти кои ги ставил на записник на рочиштето на 5 април 2024 година“. Неговата адвокатка Вања Живковиќ изјави дека до ден денес нема одговор од Обвинителството по ова поднесено барање.
Како што е познато, Данка исчезна од семејниот имот во Банско поле на 26 март, а 10 дена подоцна беа уапсени С.Ј. и Д.Д. Тие оттогаш се во притвор и како што соопштија истражните органи, се товарат за убиство на Данка, на тој начин што прво ја удриле со службениот автомобил, потоа еден од нив ја задавил со раце и ја ставил во автомобилот, за подоцна да ја фрли на депонијата покрај патот, а два дена потоа со помош на братот и таткото да го пресели телото на друго место. Телото на девојчето речиси три ипол месеци подоцна сè уште не е најдено.