Две лица се уапсени во Сански Мост, град во северозападна Босна, под сомнение за трговија со луѓе, откако биле откриени четири деца без родителска грижа во нивната куќа, потврди вчера Обвинителството на Унско-Санската жупанија.
Децата, на возраст од една до шест години, биле пронајдени во неделата, а медиумите објавија дека две од нив имале хрватски пасоши. Обвинителството на Босна и Херцеговина не ги потврди шпекулациите за идентитетот и националноста на пронајдените деца, но изјави дека најверојатно сите се од ромска националност. Децата се згрижени од локалниот Центар за социјална работа, а по лекарски преглед се сместени на безбедна локација.
-Обвинителот донесе наредба за приведување на две лица поради постоење основи на сомнение дека сториле кривично дело трговија со луѓе. По кривичната постапка истите ќе бидат предадени на обвинителот кој ќе одлучи за натамошната постапка, се наведува во соопштението на обвинителството.
Во февруари, сличен случај беше откриен и во Брчко, каде во една куќа престојуваа повеќе од 30 деца, исто така без родителска грижа, а шест од нив поседуваа лични документи. Истрагата за тој случај е во тек.